Што ќе се јаде по нуклеарна војна: Во трезори под вечниот арктичкиот мраз за судниот ден се чува „Ноева арка“ на семиња

194

Во светот има околу 1.400 банки каде што се чуваат семиња на растенија за да се спречи нивното исчезнување од која било причина, но, на островот Свалбард, во Арктичкиот Океан, стотина метри под вечниот мраз, сместена е светската банка на семиња, што е последна инстанца во случај на потреба од обновување на глобалното земјоделство по нуклеарна или друга катастрофа во која би можеле да бидат уништени другите такви банки низ светот. Тоа практично е огромна глобална генска банка, која содржи неколку милиони растителни семиња од целиот свет

 

Руско-украинската војна ги зголеми глобалните стравувања од нуклеарна војна. Тие не стивнуваат, туку одвреме-навреме се подгреваат и покрај очекувањата администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за некој месец да најде решение за мир во тој дел на светот.

Сценаријата за нуклеарна војна од светски размери покажуваат дека сепак ќе има преживеани луѓе, а почвата и растенијата во најголем дел ќе бидат уништени. Па се поставува прашањето: што ќе јадат и што ќе садат преживеаните?

Човештвото за тоа одамна се грижи. Во светот има околу 1.400 банки каде што се чуваат семиња на растенија за да се спречи нивното исчезнување од која било причина. Но, на островот Свалбард во Арктичкиот Океан, стотина метри под вечниот мраз, сместена е светската банка на семиња, што е последна инстанца во случај на потреба од обновување на глобалното земјоделство по нуклеарна или друга катастрофа во која би можеле да бидат уништени другите такви банки низ светот.

За да се подготви за најлошото, норвешката влада, со меѓународната тинк-тенк организација „Глобал кроп диверзити груп“, лоцирана во Рим, дизајнираше еден вид тврдина за складирање на сите семиња во светот и уште во 2008 година, изгради специјални комори слични на банкарски трезори. Како што пишува РТС, тие се закопани стотина метри под површината на вечниот мраз на архипелагот Свалбард во Арктичкиот Океан, на околу 1.000 километри од норвешкиот брег, на половина пат меѓу Норвешка и Северниот Пол. Дури и да откажат системите за климатизација, семето може да опстане уште најмалку двесте години, бидејќи вечниот мраз ќе одржува ниска температура.

Зградата е дизајнирана да се лади со само еден компресор од десет киловати напојуван од локален генератор. Трезорот се состои од три многу добро обезбедени соби, лоцирани на крајот од ходник долг 125 метри, што води до песочните карпи на архипелагот Свалбард. Семето се чува на минус 18 степени, затворено и запечатено во специјално направени четирислојни пакувања. Сето тоа е ставено во специјални кутии, кои се наоѓаат на полиците на трезорот. Секој трезор е опкружен со вечен мраз, кој обезбедува животен век на складираниот материјал во случај на прекин на струја. Ниската температура и ниската влажност внатре обезбедуваат ниска метаболичка активност, доволна за одржување на виталноста на семето. Кога се чуваат и одржуваат на пропишан начин и на температури од минус 200 степени, некои семиња во трезорот можат да траат еден милениум или повеќе. На пример, јачменот може да издржи 2.000 години, а пченицата 1.700 години!

Семињата се строго чувани. Секој што сака да пристапи до нив мора да помине низ четири врати: првата е тешка и челична, втората е приближно 115 метри во длабочината на тунелот и на крајот има уште две врати со двојно заклучување. Копчињата се шифрирани и овозможуваат пристап до различни нивоа на инсталацијата. Наоколу се поставени детектори за движење. Сите кутии за семиња се проверуваат пред да се стават во трезорите.

Свалбард всушност е место каде што се наоѓа „Моевата арка“, која во случај на апокалипса може да го нахрани целиот свет. Тоа практично е огромна глобална генска банка, која содржи неколку милиони растителни семиња од целиот свет. Државите можат таму да депонираат семиња од своето поднебје, а досега депонирале 123.

Но, луѓето многу порано почнале да размислуваат за тоа светот да не остане без храна. Важноста на генетската разновидност, собирањето и зачувувањето на растителните семиња од различни региони во светот, прв ја согледал Владимир Илич Ленин. Благодарение на Ленин, Советскиот Сојуз воспостави многу станици за семиња каде што се складираа семињата од сите растенија на планетата, особено од житарки. Првата банка на семиња во светот по идејата на Ленин уште пред 100 години ја основал рускиот научник Николај Вавилов. Неговата колекција на семиња од целиот свет се состоела од 400.000 примероци, но била ограбена од нацистичките ботаничари откако Германија го нападна Советскиот Сојуз во 1941 година.

Банките на семиња што ги имаат многу земји се неопходни, не само поради стравот од судниот ден, туку и затоа што само во последните двесте години околу 75 отсто од сортите едноставно исчезнале, а многу лесно би можеле да исчезнат и најважните, од кои зависи исхраната на целото светско население.

 

ИЗДВОЕНИ