Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека „договорот за прекин на огнот во Либан е олеснување за разорната ситуација на Блискиот Исток“.
– Сакам да ги пофалам Франција и САД за нивното посредување. Сега е клучно примирјето да се одржи за да се гарантира безбедноста на граѓаните на Либан и Израел, како и враќање на внатрешно раселените лица – рече Борел во објавата на платформата Х.
Тој нагласи дека е неопходно „целосно спроведување на Резолуцијата 1701“.
– Го повторувам и мојот повик до либанските лидери да ја преземат својата политичка одговорност со избирање претседател. Либанците имаат право да си го вратат целосниот суверенитет во работите на земјата, без надворешно мешање – рече Борел.
Безбедносниот кабинет на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со големо мнозинство го одобри договорот за прекин на огнот со Хезболах, соопшти канцеларијата на Нетанјаху вчера (26 ноември), означувајќи голем чекор кон мир меѓу Израел и милитантите на Хезболах поддржани од Иран.
Овој потег веднаш беше поздравен од американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека тоа претставува нов почеток за Либан и покажува дека мирот е можен по речиси 14 месеци прекугранични борби кои принудија десетици илјади Израелци да избегаат и во кои беа убиени илјадници Либанци.
Во часовите пред состанокот, Израел го изведе најинтензивниот бран напади во Бејрут и неговите јужни предградија и издаде рекорден број предупредувања за евакуација.
Во телевизиско обраќање, Нетанјаху не кажа колку долго ќе трае примирјето, но истакна дека должината на прекинот на огнот „зависи од она што се случува во Либан“.
Прекинот на огнот би го означил првиот голем чекор кон ставање крај на насилството предизвикано од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, од страна на Хамас – од САД и ЕУ означена како терористичка организација.