Претседателот Доналд Трамп е подготвен да го ризикува успехот на неговиот втор мандат, економијата и личните финансии на милиони Американци, убеден дека царините можат да го рекреираат златното доба на американското богатство и независност, пишува СиЕнЕн.

Или можеби не? Такво е нестабилното водство на Трамп што ништо не е сигурно додека не се случи. А одлучувачките наредби, особено оние за трговија, често се поништуваат веднаш штом ќе бидат донесени.

Но, Трамп ветува дека среда, 2 април, ќе биде „Ден на ослободувањето“ – денот кога ќе воведе реципрочни царини, долар за долар, на земјите што воведуваат даноци за американските производи.

Неговиот најдрастичен потег досега за да го трансформира глобалниот трговски систем, на крајот може да влијае на секој Американец, зголемувајќи ги цените во време кога семејните буџети се веќе намалени.

Сепак, претседателот имплицитно ги повикува сите да прифатат стратегија која ветува примамливи идни придобивки, но бара жртва што ќе трае со години.

Политиките на Трамп за трговска војна веќе избришаа трилиони долари од берзата – Индустрискиот просек Дау Џонс падна за 700 поени само во петокот – и ги влоши стравувањата од рецесија, бидејќи довербата на потрошувачите паѓа.

Тој, исто така, ги отуѓи американските сојузници додека неговата надворешна политика почнува да го растура системот на западниот сојуз.

Како што се приближува среда, претседателот дополнително ја поткопува довербата од која зависи економијата со подигање на контрадикторни очекувања – сугерирајќи, на пример, дека некои земји или индустрии би можеле да бидат изземени од новите царини.

Неговото раководство, кое често ја менува насоката, носи ризик од истата штета како и самите политики.

Трамп верува дека со воведување царини за увоз, тој ќе ги принуди компаниите да ги преселат синџирите на производство и снабдување во Соединетите држави, а со тоа да создаде работни места и да ги ревитализира регионите кои глобализацијата ги остави осиромашени.

Сепак, негативната страна е што царините ќе ги зголемат цените за потрошувачите кои се веќе исцрпени од високите трошоци за живот. Исто така, нема гаранција дека компаниите навистина ќе го вратат производството во САД, бидејќи таквата промена би траела со години и веројатно ќе го надмине времето на Трамп на функцијата.

Ако претседателот ја спроведе оваа политика, тој ќе преземе голем политички ризик. Но, се чини дека не е свесен за потенцијалното влијание.

Во шокантниот коментар за NBC News во саботата, милијардерот кој води кабинет од милијардери и милионери беше рамнодушен кон порастот на цените на автомобилите предизвикани од неговите нови индустриски тарифи.

„Не ми е грижа дали ќе ги зголемат цените, бидејќи луѓето ќе почнат да купуваат американски автомобили“, рече Трамп во телефонско интервју. „Не ми е гајле, бидејќи ако поскапат странските автомобили, тие ќе купуваат американски автомобили.

Неговиот став ризикува да добие политичка реакција во време кога републиканците веќе се претпазливи од изборното влијание на забавената економија и политиките на Трамп, со специјалните конгресни избори во Флорида оваа недела кои се закануваат да ја посрамотат партијата, анализира СиЕнЕн.

Ставот на Трамп, исто така, ја игнорира сложеноста на царините од 25 проценти за автомобилите што ќе стапат на сила оваа недела.

Производните процеси се длабоко поврзани со фабриките во Мексико и Канада. Ова значи дека повеќето автомобили произведени во САД ќе станат поскапи.

И додека теоретски американските автомобили би можеле да бидат имуни на тарифите во иднина, повисоките производствени трошоци и инвестиции потребни за формирање на производство исклучиво во Соединетите Држави ќе бидат пренесени на потрошувачите.

Во наредните години цената на новите автомобили ќе се зголеми повеќекратно, што ќе доведе до намалување на работните места во индустријата.

Верувањето на Трамп во речиси мистичната моќ на царините е вкоренето во неговиот поглед на светот како место на победници и губитници, како и во неговото убедување дека Соединетите држави долго време се измамени од европските и азиските сили кои ги штитат нивните индустрии.

„Ќе им наплатиме на земјите да прават бизнис во нашата земја и да ни ги земат работните места, да ни го земат богатството, ни земаат многу работи во текот на годините“, им рече Трамп на новинарите минатата недела. „Тие зедоа толку многу од нашата земја, и пријателите и непријателите.

Царинската политика е стара колку и самите САД. Сепак, многу економисти ги обвинуваат рестриктивните трговски политики за предизвикување огромни тешкотии за време на Големата депресија во 1930-тите, додека повоениот период забележа постепено намалување на трговските бариери, а потоа радикално преобликување на глобалната трговија со почетокот на 21 век.

ИЗДВОЕНИ