Што бара Русија за прекин на огнот со Украина?

59
EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV

Русија им претставила на САД своја листа на барања за крај на војната со Украина и за обнова на односите со Вашингтон, изјавија двајца добро упатени луѓе за „Ројтерс“. Не е познато што има на листата и дали Русија е подготвена да се вклучи во мировни разговори пред да бидат исполнети нејзините барања.

Руски и американски функционери разговарале за условите за време на директни и онлајн разговори во изминатите три недели, кажаа изворите. Тие ги опишале руските барања како широки и слични на оние што порано им биле презентирани на Украина, САД и НАТО.

Овие барања вклучуваат забрана за членството на Украина во НАТО, противење на распоредувањето на странски сили во Украина и меѓународно признавање на Крим и четири украински региони како територии на Русија.

Откако Украина се согласи со 30-дневно примирје на разговорите со САД во Саудиска Арабија, американски функционери сега треба да ја убедат и Русија да го прифати тоа. Кремљ кажа дека го проучува договорот за примирје и дека е можен нов телефонски разговор на Доналд Трамп и Владимир Путин.
„Добив позитивни пораки за можноста за примирје. Но, тоа не значи ништо. Ова е многу сериозна ситуација. Ако Русија не прифати примирје, можеме да ја притиснеме финансиски. Тоа би било многу лошо за Русија. Не сакам да го правам тоа, зашто сакам мир“, изјави Трамп.

Портпаролката на Белата куќа Керолајн Ливит потврди дека американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц разговарал со својот руски колега и дека специјалниот претставник за Блиски Исток, Стив Виткоф, ќе патува за Москва оваа недела.

„Ги повикуваме Русите да го потпишат овој план. Ова е најблиску што сме биле до мир во оваа војна досега“, рече Ливит.

ИЗДВОЕНИ