Штипското комунално претпријатие „Исар“ доби три половни возила.
Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип, информираше дека се набавени половен камион за вода, односно цистерна за миење улици, половен камион за чистење улици и половен камион за вакуум – каналџет.
– Со овие возила, ќе се подобрат работата и ефикасноста на ЈП „Исар“. Набавката чини 12 милиони денари, кои се обезбедени од општинскиот буџет – изјави Шорова-Ангелова.
Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски, изјави дека овие возила ќе ја подобрат работата, но дека не се доволни. Затоа, во наредниот период ќе се набават нови специјализирани возила.
– Возилата пристигнаа во стопанскиот круг на ЈП „Исар“. Постапката е спроведена најтранспарентно, бидејќи е предвидена во планот за јавни набавки на ЈП „Исар“ и ние имаме предвидено финансиски средства за тоа. Само овие возила не се доволни да се модернизира или за да се подобрат условите за граѓаните, па затоа почнуваме постапка за набавка и на некои други специјализирани возила, конкретно возила за собирање и одлагање комунален отпад – изјави Арсовски.