Штипското претпријатие „Стипион“ ќе ги реконструира автобуските постојки низ градот, а воедно ќе гради и нови, најави директорот, Панче Стефановски. Тој истакна дека со подобрување на временските услови ќе се работи на овој проект, со што Штип ќе добие модерни, еко-смарт постојки кои ќе можат да ги користат граѓаните.
-Во овој дел има најава во следниот период да се засили реконструкцијата на постојните постојки и да се постават нови. За жал, морам да кажам дека имавме еден проект пред финална реализација што ни е сопрен поради замрзнатите средства. Требаше да има нови шест смарт постојки. Во наредниот период ќе ги реализираме со сопствени средства – изјави Стефановски.
Смарт-постојки веќе се поставени на неколку места во градот. Тие имаат интернет, полначи за мобилен телефон, како и соодветни информации за возниот ред во градот.
Стефановски вели дека тие се користат од страна на граѓаните.
-Ние имаме позитивна реакција. Сите постојки имаат смарт-полначи за телефони, на интернет имаат информации за возните редови, така што верувам дека на граѓаните им се од полза – истакна Стефановски.
Во меѓувреме, од претпријатието апелираат граѓаните да бидат совесни и да не го уништуваат она што се поставува, со цел да може да се користи подолг временски период.
Стефановски додаде дека очекуваат со поставувањето на видео надзор и камери на повеќе локации во Штип да се спречат девијантните појави, уништувањето на урбаната опрема и поставените содржини.