Штајнмаер: Подготвен сум да распишам избори, крајот на една коалиција не е крај на светот

20

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.

„Крајот на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме“, рече Штајнмаер.

Шолц рече дека ќе побара гласање за доверба во парламентот откако заминувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер од редовите на Слободните демократи ја остави неговата влада без парламентарно мнозинство, пренесе Ројтерс.

Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби гласање за доверба. Тој додаде дека на Германија и треба стабилно мнозинство и способна влада.

„Нашата демократија е силна. Но, сега не е време за тактики и измами, туку за разум и одговорност“, рече германскиот претседател.