Шри Ланка во целосен мрак: Министер „обвини“ мајмуни за прекинот на струјата

24

Во неделата еден мајмун ги остави без струја сите 22 милиони луѓе низ Шри Ланка, пишува Би-би-си.

„Мајмунот дојде во контакт со трансформатор во нашата мрежа, што предизвика нерамнотежа во системот“, изјави за новинарите министерката за енергија на Шри Ланка Кумара Јајакоди, објаснувајќи што го предизвика целосното затемнување што го погоди островот околу 11 часот во неделата.

Инцидентот, трагичен по мајмунот, се случил во трафостаница јужно од Коломбо, главниот град на Шри Ланка.

Напојувањето постепено се обновува низ островската држава, при што приоритет им се дава на медицинските установи и станиците за третман на вода.

Прекинот на струја започна околу 11 часот по локално време во неделата и многумина мораа да користат генератори.

На социјалните мрежи луѓето ги критикуваа властите, но во исто време се пошегуваа со инцидентот.

„Мајмун ја сруши целата електрична мрежа на Шри Ланка откако предизвика тотален дефект на трафостаница во Коломбо. Еден мајмун = целосен хаос. Време е да се преиспита инфраструктурата“, напиша Марио Навфал, на Икс.

„Само во Шри Ланка група мајмуни кои се борат во електрана може да предизвикаат затемнување на цел остров“, напиша Џамила Хусаин, главен уредник на локалниот весник „Дејли мирор“.

Во извештајот објавен во понеделникот, весникот вели дека инженерите со години ги предупредуваат владите да ја надградат електричната мрежа или да се соочат со чести прекини.

„Националната електроенергетска мрежа е во толку лоша состојба што може да се очекуваат чести затемнувања на целиот остров доколку се прекине дури и една од линиите“, цитира весникот неименуван висок инженер.

Во 2022 година, Шри Ланка имаше редовни прекини на електричната енергија поради економската криза.

ИЗДВОЕНИ