Вокалната интерпретација на сопранистката Ирене Палазон и тенорот Хозе Луис Сола, аплаузите на публиката и воодушевувањата по секоја изведба на ариите и дуетите од познатите опери како „Турандот“, „Травијата“, „Боеми“, „Арлезијанка“, „Љубовна напивка“, „Џани Скики“… го означија традиционалниот Василичарски концерт што се одржа синоќа во Националната опера и балет

Прекрасно музичко патување со класични дела од познати композитори приредија шпанските гости, сопранистката Ирене Палазон, тенорот Хозе Луис Сола и диригентот Оливер Диаз, заедно со домашниот оркестар на традиционалниот Василичарски концерт, што се одржа синоќа во Националната опера и балет.

Енергијата на шпанското трио (сопранот Палазон, тенорот Сола и диригентот Диаз), аплаузите на публиката и воодушевувањата по секоја вокална изведба на ариите и дуетите од оперите како „Турандот“, „Травијата“, „Боеми“, „Арлезијанка“, „Љубовна напивка“, „Џани Скики“… го означија концертот во траење од час и петнаесетина минути. Со својот настап, вокалната техника, со изгледот и елеганција сопранистката Ирене Палазон и тенорот Хосе Луис Сола ја пленија публиката.

Концертот започна со изведбата на Увертира од операта „Набуко“ од Џ. Верди од страна на оркестарот на НОБ, но кај публиката оставија впечаток и Интермецо од операта „Кавалерија рустикана“ од П. Маскањи, како и Увертира од операта „Лиљакот“ од Ј. Штраус.

Долг аплауз на крајот на концертот добија сите изведувачи, а на бисот македонската публика од шпанските гости беше почестена со изведба на песната „Гранада“, која го евоцира истоимениот шпански град, напишана во 1932 година.

Диригентот Диаз се обрати до публиката истакнувајќи дека е благодарен за поддршката и гостопримството која ја добиле во Македонија, како од вработените на Националната опера и балет, така и од сите со кои се сретнале во нашата земја. „Среќни сме за поддршката и топлината. Ви посакувам на сите Среќна нова 2025 година“, рече врвниот шпански диригент, кој е добитник на голем број  престижни награди и признанија.

Задоволството кај публиката беше зголемено и со визуелниот сегмент на концертот, преку големите бимови на сцената што даваше дополнителна свеченост на настанот, а празнична атмосфера имаше и при пречекот на посетителите во холот на Националната опера и балет.

Ова беше првиот Василичарски концерт, а вториот е најавен спроти празникот Василица (13 јануари, 20 часот) кога за посетителите е предвидено и делење лепче со паричка.

Инаку, како што истакнаа од НОБ, оваа година се одбележуваат 30 години од првото одржување на традиционалниот концерт по повод празникот „Василица“.  Концертот првично е презентиран на сцената на Македонската опера и балет (МОБ) во 1995 година и низ годините потоа, тој стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани во нашата земја. (Н.И.Т.) 

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ