Навреме да се најават, никој да не задоцни и тоа со голема јасна причина, бидејќи не смее да се пропушти таквото шоу. Тоа е жива вистина. Станува збор за традиционалната манифестација „Глумците пеат“. Оваа година, на 8 април, со почеток во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар, глумците и ќе пеат и, што се вели, оро ќе играат. Шоуто што ги спојува музиката и театарот е исполнето само со позитивни вибрации и енергија, настан со незаборавни музички изведби преку кои глумците создаваат сценска магија.
Ќе настапат триесетина македонски актери во придружба на „Биг бенд“, составен од извонредни музичари. Во режија на Дејан Пројковски, со музичките аранжмани на Бобан Мирковски и со кореографијата на Олга Панго, шоуто ќе биде водено од маестро Љупчо Мирковски. Оваа година, шоуто е инспирирано од филмската уметност и ветува сцени исполнети со ритам и со страст. Минатата година темата на шоуто беше Песна на Евровизија.
Манифестацијата „Глумците пеат“ е создадена според генијалната идеја на легендарниот актер и водител Марин Бабиќ. Неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ ја организираат манифестацијата во неговата чест. Марин во 1992 година, заедно со своите колеги, ја почна оваа убава приказна. Шоуто се одржува по повод Светскиот ден на глумата.