Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за последните два натпревари во квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година, против Естонија на гости и против Полска на донашен терен.
Играчите и стручниот штаб имаат зацртани цели пред себе, како и стратегија како да ги реализираат. За почеток, мислите им се насочени кон гостувањето во Естонија.
- Во моментов, размислуваме само на Естонија и на натпреварот што мора да го добиеме за да одиме понатаму, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот, можеби, не е во најпосакуваниот изглед во моментов. Имаме среќа што е Ненад Димитријевиќ со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека, како тандем, ќе функционираат беспрекорно и дека ќе дојдеме до победа. Со Јакимовски сум во контакт, имавме позитивни одговори од Колорадо, затоа што имаше минимални шанси да се квалификува понатаму. Но, неодамна добивме порака дека има шанси да оди тимот понатаму. Се надевам дека ќе се појави тој во Талин и дека ќе го имаме на располагање. За разлика од претходниот циклус, го имаме Теодор Симиќ, кој се надевам дека ќе помогне за играта под кошевите, најголемиот проблем што го имавме претходно, со такви физички подготвени репрезентации. Тука ја гледам нашата шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин – истакна селекторот на Македонија, Александар Јончевски.
Нашиот најголем адут, Ненад Димитријевиќ, посочи дека мораме да ја нападнеме Естонија уште од првата минута за позитивен исход на овој меч.
- Па да, како што кажав, Естонија е незгодна слеекција. И минатите квалификации имавме проблеми со неа, но мислам дека имаме доста квалитети, во некој налет да постигнеме успех и да направиме изненадување на нејзин терен. Мислам дека сме подготвени и едвај чекам да дојде денот на натпреварот. Мислам дека двајцата (со Ти-Џеј Шортс) сме добри играчи и дека може за два-три дена да се навикнеме еден на друг и да направиме да функционира оваа врска за успех на репрезентацијата, што е најважно. Мислам дека ќе бидеме подготвени до натпреварот со Естонија. Прво, мислам дека треба да бидеме физички поподготвени. Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физички подготвена екипа, која сака да трча и има играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи. Треба да бидеме подготвени за нејзината енергија и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помислата дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Треба да излеземе од првата минута за победа – заклучи Димитријевиќ.
Поразот од Естонија, од својот претходен репрезентативен настап во дресот на Македонија, го мотивираше и Шортс, кој има одлична сезона во дресот на Париз, во Евролигата. Несомнено е дека со Шортс, играта на Македонија треба да биде далеку потечна.
- Дефинитивно сум возбуден што пак ќе играм за нешто повеќе од тим, тоа е државата. Се надевам дека ќе помогнам и дека ќе го направиме нашиот дел да победиме со Естонија и со Полска, ќе видиме што ќе биде. Го чекам предизвикот. Мене ми е исто дали играм за Париз или за Македонија, ќе се потрудам да помогнам. Нено е лидер на тимот, а јас ќе го дадам моето да му помогнам, да го симнам товарот од него. Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад тим, гладен за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија, затоа што знам дека имаат одлична публика. Последен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Ни дадоа „удар по устите“ многу рано и бевме во проблеми. Сега сакам да биде поинаку – вели Шортс.
Првиот дуел од овој февруарски прозорец, последен во квалификациите, е закажан за в петок, во 18:00 часот, во Талин, а нашата репрезентација, три дена подоцна, ќе ја пречека Полска. За пласман на Евробаскетот, Македонија ќе мора прво да ја победи Естонија со најмалку шест коша разлика, а потоа да чека пораз на Естонија на гости кај Литванија, што е и очекувано.
ФОТО: КФМ