Повремениот македонски репрезентативец, натурализираниот кошаркар Ти-Џеј Шортс, е прва ѕвезда на најголемата сензација во Евролигата, новакот Париз, а воедно и најдобар поединец на ова елитно натпреварување во досегашниот дел од сезоната.
Францускиот тим има буџет од 18.885.000 евра за сезоната 2024/2025 според информациите на „Баскет Јуроп“, а од оваа сума, 5.625.000 евра се одвоени за платите на кошаркарите.
Меѓу најплатените кошаркари во тимот е Шортс, кој, заедно со Маодо Ло и со Кевариус Хејс, заработува по 450.000 евра за сезоната.
Париз е на второто место кога станува збор за буџетот на француските претставници во Евролигата. Пред нив е тимот на Монако со буџет од 29,4 милиони евра, а зад нив е Асвел со буџет од 16,2 милиони евра.