Шолц, Стармер, Руте, Фон дер Лајен… утре доаѓаат во Париз: Макрон свика состанок на европските лидери за Украина

526
Фото: EPA-EFE/Christian Hartmann / POOL MAXPPP OUT

Британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, меѓу другите, ќе учествуваат на состанокот во Париз утре на кој ќе се разговара за Украина, соопшти денеска француското претседателство.

Во соопштението се наведува дека на состанокот ќе учествуваат и претставници од Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро претходно денеска изјави дека претседателот на земјата Емануел Макрон утре ќе биде домаќин на состанок на европските лидери на кој ќе се разговара за Украина.

Пет европски дипломати изјавија дека на состанокот ќе присуствуваат Франција, Велика Британија, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Данска, кои ќе ги претставуваат балтичките и скандинавските земји, пренесе Ројтерс.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски потврди дека на средбата ќе присуствува полскиот премиер Доналд Туск.

Најавата за средбата дојде еден ден откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, изјави дека Европа нема да има место на преговарачката маса.

Трамп во средата одвоено телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и им порача на американските власти да започнат преговори за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт во Украина.

Телефонските повици дојдоа набргу откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет им кажа на воените сојузници на Украина во Брисел дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението.

Макрон за Фајненшл Тајмс изјави дека Трамп отворил „прозорец на можности“ за преговарачко решение на конфликтот, каде што „секој мора да ја игра својата улога“, додавајќи дека улогата на Зеленски е да разговара за прашањата за територијата и суверенитетот, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ