Шолц: Крајно време е Црна Гора да стане членка на Европската унија

108

Германскиот канцелар Олаф Шолц, денеска во Берлин изјави дека е „крајно време“ Црна Гора да стане членка на Европската унија (ЕУ) и оцени дека е постигнат „голем напредок“ во исполнувањето на стандардите за членство.

Ова Шолц го соопшти на заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, кој е во петдневна посета на Германија.

„Вашето доаѓање потврдува дека сме блиски партнери. Крајно време е членството да се реализира, бидејќи ветувањето за членство е дадено пред повеќе од 20 години. Изгледите за Црна Гора се големи и ниту една друга земја во регионот не спроведува такви реформи. Таа посветеност на реформите е важна“, изјави германскиот канцелар, а пренесуваат црногорските медиуми.

Спајиќ е во посета на Берлин во важен момент за Црна Гора, кога Владата на Црна Гора се обидува да ги забрза реформите во областа на владеењето на правото, кои се услов за добивање позитивно мислење од Европската комисија во однос на исполнувањето на привремени критериуми (IBAR), што е чекор кон постојани преговори за членство.

Во овој контекст, Шолц рече дека официјален Берлин е „воодушевен од амбицијата“ на Црна Гора да ги затвори сите поглавја од преговорите.

„Членството може да се даде со таа брзина и динамика. Сѐ зависи од заслугите. Не гледаме само политички – туку врз основа на заслугите на земјата кандидат. Навистина сум изненаден од брзината и мислам дека тоа е реална амбиција и дека ќе ја пружиме секоја поддршка“, изјави германскиот канцелар.

Владата на Црна Гора има рок до крајот на април да исполни 31 од 83 привремени одредници за преговарачките поглавја посветени на владеењето на правото, по што ја очекува оценката на Европската комисија за спроведените реформи.

Властите во Црна Гора очекуваат позитивна одлука од Брисел во јуни, со што се отвораат вратите за завршување на преговорите за членство во ЕУ.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ најави дека е „многу важно“ Црна Гора да го добие ИБАР во јуни и изјави дека официјална Подгорица има „голема поддршка“ од Германија во овој поглед.

Тој рече дека Владата во Подгорица ќе се однесува како веќе да е во ЕУ и дека ќе биде конструктивен партнер на Западен Балкан.

Спајиќ оцени дека Црна Гора ја надминала поларизацијата и го намалила странското влијание, изјави дека „руското влијание оди рака под рака со чувството на загрозеност“ и го повтори ставот дека ова влијание е маргинализирано.

Како достигнувања на владата на која е на чело од октомври минатата година, тој ги наведе „инклузивниот“ попис на населението, работата на збир закони за медиуми, кои „треба да помогнат во откривањето на вистинските сопственици“, збир закони кои овозможуваат поуспешна борба против корупцијата, утврдување потекло на парите, вистински сопственици на фирми.

Зборувајќи за регионот, германскиот канцелар ја повтори решеноста на официјален Берлин да ја развива соработката на Западен Балкан.

„Ова го вклучува берлинскиот процес, кој е мотор на регионалната соработка. Сакаме да го прошириме и продлабочиме. Драго ми е што во оваа прилика повторно ќе се сретнам со Милојко Спајиќ, и што можеме да ги продолжиме разговорите што ги започнавме денеска. „Црна Гора е важен фактор на стабилноста на Западен Балкан и градител на мостови“, рече Шолц, а пренесуваат медиумите.

Спајиќ ја повтори поддршката на неговата влада за берлинскиот процес. Тој изјави дека Црна Гора ќе продолжи да ја поддржува Украина, преку механизмите во рамките на НАТО, но и преку соработката со европските партнери.

Спајиќ е во петдневна посета на Германија, а претходните денови разговараше со специјалниот пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, сојузниот министер за економија, Роберт Хабек, и претставници на Бундестагот.