Талентираниот играч од американскиот фудбал и член на тимот на ЛСУ, Кајрен Лејси (24), извршил самоубиство со истрел од пиштол, по полициска потера во Тексас, потврди канцеларијата на шерифот на округот Харис.
Според официјалните информации, Лејси бил вмешан во вербална расправија со член на семејството и испукал еден истрел во земја, што ја алармирало полицијата. Кога се обиделе да го приведат во Спринг, Тексас, тој одбил да се предаде, па следувала потера со автомобил.
По неколку километри бркање, Лејси доживеал несреќа со возилото. Полицајците го извлекле од автомобилот за да го уапсат, но потоа забележале дека има прострелна рана. Брзата помош пристигнала брзо, но на местото на настанот била констатирана смрт.
- Прелиминарните информации укажуваат дека Лејси се застрелал пред да дојде до судирот. Во возилото е пронајден пиштол. Снимките од камерите и оние од автомобилот не покажуваат како дошло до пукањето по завршувањето на потерата – се вели во полициското соопштение.
Официјалната обдукција ќе биде спроведена од Институтот за форензички науки во округот Харис – објави Си-ен-ен.
Смртта се случи на само неколку дена пред НФЛ-драфтот, каде што имаше амбиции да започне професионална кариера.
Лејси беше обвинет за убиство од небрежност, бегство од местото на несреќата и за несовесно возење за инцидентот на 17 декември 2024 година, во Луизијана, каде што, наводно, возел со голема брзина и преминал на спротивната лента, што резултирало со смрт на 78-годишниот Херман Хол, поранешен маринец. По несреќата, побегнал од местото и им се предал на властите еден месец подоцна. Тој беше ослободен со кауција од 151.000 долари.