Шест тела на мигранти пронајдени кај брегот на Сицилија

26

Италијанската крајбрежна стража пронашла шест тела во близина на брегот на Сицилија, за кои се верува дека се некои од 21 мигрант исчезнати во бродоломот на почетокот на овој месец, објавија денеска италијанските медиуми.

Властите во Италија во средата соопштија дека пронашле седум мажи, сите сириски државјани, кои биле спасени од полуипотомат брод југозападно од островот Лампедуза по бродоломот, објави Ројтерс.

Преживеаните им кажале на спасувачите дека тргнале од Либија на 1 септември, со вкупно 28 лица на бродот. Меѓу патниците имало и три деца. Ги фатило невреме од кое 21 патник паднал во морето.

Италијанските медиуми објавуваат дека засега само се претпоставува дека денеска најдените тела се дел од 21 исчезнати патници, меѓудругото и поради координатите на локацијата на која се најдени.

Средниот Медитеран е една од најсмртоносните мигрантски рути во светот. Според Агенцијата за миграција на Обединетите нации, над 2 500 мигранти загинале или се исчезнати во обид да поминат кон Западна Европа само минатата година. Од почетокот на оваа година, избројани се 1 116 жртви.

Според бројките на Министерството за внатрешни работи на Италија, пак, само годинава на околу 43 000 мигранти им успеало да го поминат Средоземното море и да стигнат до италијанско копно. Иако бројката изгледа голема, таа е многу пониска споредено со минати години.