Северна Кореја ќе ја поддржува Русија додека не постигне победа во војната во Украина, изјави севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи во разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот.
„Нашите традиционални, историски пријателски односи, кои го поминаа тестот на историјата, се издигнуваат на ново ниво на односи на непобедливо воено другарство“, му рече министерката на Лавров, пофалувајќи ја улогата што ја одиграа претседателите Ким Џонг-ун и Владимир Путин во тој потфат.
Таа додаде дека Пјонгјанг не се сомнева дека под „мудрото водство“ на Путин, руската армија и народ „ќе постигнат голема победа во својата света борба за заштита на суверените права и безбедносните интереси на државата“.
„А ние, исто така, ќе гарантираме дека цврсто ќе застанеме покрај нашите руски другари до победата“, рече Чое Сон Хуи.
Лавров зборуваше за „многу блиски врски“ меѓу армиите на двете земји, што ќе им овозможи заеднички да решаваат важни безбедносни задачи.
Никој од нив не ги спомна изјавите на САД, НАТО, Јужна Кореја и Украина дека Северна Кореја испратила околу 10 000 војници во Русија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека околу 8 000 од нив се испратени во областа Курск, која беше нападната од украинските сили на почетокот на август и дека се очекува наскоро да се приклучат во борбата против Украина.
Лавров изрази „длабока благодарност до корејските пријатели за нивниот принципиелен став за настаните што се случуваат во Украина како резултат на проширувањето на НАТО кон исток и охрабрувањето на отворено расистичкиот режим да искорени се што е руско“.
Чое смета дека двете земји мора да продолжат да ги продлабочуваат односите, според договорот потпишан во јуни.
Тоа е Договорот за стратешко партнерство меѓу Руската Федерација и КНДР, кој има за цел да игра стабилизирачка улога во североисточна Азија.
Чое, исто така, ги обвини САД и Јужна Кореја дека планираат нуклеарен напад врз нејзината земја и дека ситуацијата на Корејскиот полуостров може да стане „експлозивна“ во секој момент.
Затоа, таа му повтори на својот колега Лавров дека нејзината земја мора да го зајакне својот нуклеарен арсенал и да ја усоврши подготвеноста да возврати со нуклеарен напад, доколку тоа се покаже неопходно.