Апел до матичните лекари да одвојат малку време за да ги ажурираат телефонските контакти со пациентите за да не пропаѓаат закажаните термини преку системот „Мој термин“ упати денеска директорот на Управата за електронско здравство Фикрет Шабани. Врзано со денешниот предупредувачки прекин на работата на матичните лекари кои мораа да ги ажурираат телефонските броеви на своите пациенти за да им издаваат рецепти и да вршат прегледи, Шабани ни изјави дека мерката е во интерес на пациентите.
-Нашите анализи од последните два месеца покажуваат дека многу од закажаните термини преку системот „мој термин“ пропаѓаат бидејќи со пациентите нема телефонски конктакт. Посебно тоа е случај кај жените кои треба да дојдат на скрининг за карционом на дојки. Теленоските броеви се сменети или не се внесени во досијеата и едноставно тие не добиваат наши пораки со кои ги потсетуваме кога им е закажан терминот. Сега решивме да се изврши ажурирање на телефонските броеви за да секој кој има закажано термин биде потсетен на тоа ден-две претходно – објаснува Шабани за ВЕЧЕР.
Тој додава дека ќе продолжат со ова ажурирање бидејќи тоа е во интерес на пациентите и дека очекува разбирање од страна на лекарите.
-Обврска за ажурирање на телефонските броеви се однесува и до гинеколозите и до стоматолозите. Ако некој од нив изврши ажурирање на бројот, тогаш матичниот доктор не мора да врши ажурирање. И во ситуација кога не е ажуриран телефонскиот број може да се издаде упат или рецепт. Но најважно е да добиеме чиста база на телефонски контакти за да не ни пропаѓаат термините од „Мој термин“, а што често се случува – потенцира Шабани. (Б.Ѓ.)