Северна Кореја за првпат призна дека испраќа нејзини војници во Русија. Ова го соопшти државната новинска агенција КЦНА, повикувајќи се на шефот на државата Ким Џонг Ун.
Ким одлучил да испрати војници во Русија, како дел од договорот за заемна одбрана, се вели во написот на КЦНА, додавајќи дека севернокорејските војници треба да ја поддржат Русија во војната против Украина.
Военото раководство на Русија исто така го потврди распоредувањето на војници од Северна Кореја, додавајќи дека војниците „дале значаен придонес во ослободувањето на регионот Курск од украинските војници“, изјави началникот на рускиот Генералштаб Влаери Герасимов.
Учеството на северкорејски војници во конфликтот со Украина се смета за прекршување на меѓународното право. Герасимов, пак, истакна дека мисијата е во согласност со договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји.
Во договорот има и клаузула за заемна воена помош доколку една од двете држави биде нападната. Сепак, нема јавно познато барање за помош од страна на Русија упатено до Северна Кореја. Освен тоа, Русија е таа која ја нападна Украина.
Не е позната официјалната бројка на војници, но според разузнавачи на САД, Јужна Кореја и Украина, Северна Кореја испратила од 10 до 12 илјади војници во Русија, додавајќи дека севернокорејската војска има и 4000 жртви.