Северна Кореја испраќа војници да се борат на руска страна во Украина, тврдат во Сеул

85

Северна Кореја почна да испраќа војници да се борат за Русија во Украина, тврди јужнокорејската шпионска агенција, а властите во Сеул предупредуваат на „сериозна безбедносна закана“.

Тврдењето од Јужна Кореја дојде еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи се на разузнавачки информации, рече дека верува оти 10.000 севернокорејски војници може да бидат испратени да се борат за Русија.

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол свика состанок на безбедносните службеници и рече дека меѓународната заедница мора да одговори „со сите расположливи средства“.

Според јужнокорејската шпионска агенција, 1.500 војници веќе пристигнале во Русија, а анонимни извори за јужнокорејските медиуми изјавиле дека вкупниот број би можел да достигне 12.000.

Информациите за испраќање севернокорејски војници следуваат по претходните тврдења дека Пјонгјанг ја снабдува Русија со оружје.

Во последните недели, украинските и јужнокорејските власти тврдеа дека Северна Кореја почнала да испраќа војници во воената зона.

Кремљ ги нарече овие тврдења лажни.

Зеленски претходно ја обвини Северна Кореја дека почнала да и помага на Русија не само со оружје, туку и со испраќање војници во војната во Украина.