Се уште тајна колку чинеше такси-авионот до Будимпешта?

Нема одговор од владината служба за односи со јавноста

465

Владата веднаш по пристигнувањето ги сподели со јавноста импресиите од Будимпешта, но не и информацијата колку чинеше закупот на приватниот авион со 180 седишта од економска класа. Весникот ВЕЧЕР побара писмен одговор од Владата, но до затворање на весникот не добивме одговор на прашањата: колкумина ја сочинуваа владината делегација во Будимпешта, колку чинеше изнајмувањето на авионот, а колку хотелското сместување? Дали приватниот лет на владината делегација ќе биде предмет на Комисијата за спречување на корупција, претседателката Татјана Димитровска најави дека се во тек со владиното патување и за тоа ќе разговарале на колегиум во понеделник.

Нема одговор од владината служба со односи со јавноста на прашањето колку чинеше патувањето на премиерот, министрите од ВМРО-ДПМНЕ сосе шефовите на кабинети и новинарските екипи на меѓувладината конференција во унгарската престолнина. Од малкуте информации, кои на медиумите им ги соопшти Владата, е дека делегацијата летала со турски авион, кој од земјава преку германска компанија организира чартер летови за странски туристи: Германци, Англичани и Французи, за посета на Македонија.

Од СОЗР, за весникот ВЕЧЕР, велат дека патувањето одело преку Генералниот секретаријат на Владата.

Според јавно достапните документи за склучување на договори каде што Генералниот секретаријат е договорен орган, Владата склучила договор за хотелски услуги со Друштво за агенциски и туристички работи и други услуги БТ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје во декември минатата година, објавен на почетокот на јануари годинава, во висина од околу 383 илјади евра. Оглас или, пак, склучен договор за приватниот авион, со кој леташе делегацијата, на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки и на владиниот портал нема. Па оттука легитимно е прашањето колку чинело закупувањето на турскиот авион, кој според информациите кои беа објавени во медиумите, авионот „ербас А320“ од Анталија каде што има база, слетал во Скопје, па во понеделникот после пладне полетал за Будимпешта. Авионот има 180 седишта од економска класа, стои во описот на леталото.

Весникот ВЕЧЕР побара писмен одговор од Владата, но до затворање на весникот не добивме одговор на прашањата: колкумина ја сочинуваа владината делегација во Будимпешта, колку чинеше изнајмувањето на авионот, а колку хотелското сместување?

Дали приватниот лет на владината делегација ќе биде предмет на Комисијата за спречување на корупција, претседателката Татјана Димитровска најави дека се во тек со владиното патување и за тоа ќе разговарале на колегиум во понеделник.

-Досега не сме добиле претставка, но доколку се отвори сомнеж ќе биде формиран предмет, кусо ни изјави Димитровска.

Прашањето за тоа колку ги чинеше граѓаните летот на педесетина претставници на Владата и медиумите со приватна авиокомпанија и вчера го постави опозициската СДСМ.

-Три дена јавноста чека одговор: колку чинеше ова патување? Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, плаќаат високи сметки и се борат да купат основни продукти, Мицкоски патува со приватни авиони и порачува дека во буџетот нема пари за повисоки плати. Оваа ароганција и расипништво не е запаметена кај ниту една претходна Влада. Мицкоски има пари за сè – освен за граѓаните, обвинија од СДСМ.

На обвинувањата од опозицијата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија со контрапрашање. “Како Заеви од просечно земјоделско семејство стигнаа до сопствеништво на авиокомпании?“.

Чудна е пасијата на СДС да води полемика за авиосообраќајот и да спомнува авиолетови. Можеби таа нивна пасија доаѓа од приказните дека нивниот идеолошки гуру Зоран Заев до скоро поседувал акции во една индиска авиокомпанија, која пред кратко време беше продадена, а чии акции можеби сè уште постојат во една од постојните авиокомпании, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во минатото, јавноста беше сведок на злоупотреби поврзани со владини патувања, една од нив неодамна доби завршница со кривична пријава, се однесува за поранешниот директор на службата за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски, кој во 2022 година се претставил дека е новинар и се потпишал на документ каде што тој заедно со уште петмина, исто така нарекувајќи ги новинари, присуствувале на заедничка седница помеѓу владите на Македонија и Бугарија. За таа цел за сите шест лица биле платени шест еднокреветни соби со полн пансион да ја следат седницата и да известуваат од неа.

Првата меѓувладина средба помеѓу Македонија и Унгарија се одржа лани во Охрид. Како што информираа тогаш од Владата, во рамките на дводневната посета унгарската делегација ја прошетале низ градот Охрид, црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и комплексот на манастирот „Свети Наум“. За евентуални прошетки на македонската делегација во Будимпешта, на официјалната страница на Владата таква информација не е објавена. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ