Преку проектот „Сончеви училишта“, шест училишни згради во Битола ќе добијат фотоволтаични соларни централи.
Заклучно со ноември, фотоволичните централи ќе бидат инсталирани на училиштата: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Свети Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во с. Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во с. Бистрица.
Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе ја користат училиштата и Општина Битола, со цел да се намали вкупната потрошувачка од јавната мрежа на операторот за дистрибуција на електрична енергија, со што ќе се создаде директна заштеда на сметките за електрична енергија.
Еквивалентот во денари од сумата на произведена и заштедена енергија ќе биде ставен на располагање за потребите на училиштата врз основа на проектните идеи доставени од соодветното училиште.
Финансиската конструкција целосно е обезбедена од страна на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, која го спроведува проектот „Сончеви училишта“ веќе трета година во нашата земја, но и во другите земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија).
Проектот има цел создавање климатско неутрални училишта преку поставување фотоволтаични панели на покривите на училиштата, едукација и вклученост на учениците и на вработените и работа со заедниците за зголемување на знаењето за производство и користење на енергијата од обновливи извори на енергија.