Шест еколошки автобуси од наредната недела ќе возат по улиците на Скопје

571

Станува збор за едноподни автобуси, произведени од турската компанија БМЦ, кои приближно за една недела, откако ќе се извадат сите неопходни документи, ќе се вклучат на некои од најфреквентните градски линии. Донацијата доаѓа со двегодишна гаранција за автобусите, која вклучува и нивно сервисирање и резервни делови. И овој настан беше искористен од Меџити и од Арсовска да потенцираат аргументи која од двете институции со кои раководат е заслужна за донацијата на автобусите

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ денеска доби нови шест еколошки автобуси што возат на компримиран природен гас. Тие се донација од Европската Унија, преку проектот „ЕУ за чист воздух“. Станува збор за едноподни автобуси, произведени од турската компанија БМЦ, кои приближно за една недела, откако ќе се извадат сите неопходни документи, ќе се вклучат на некои од најфреквентните градски линии. Тие се соо капацитет од 96 патници по автобус, 67 стоечки и 29 седечки места, како и специјализирани простори за патници со посебни потреби, овие автобуси ја отсликуваат најновата еко-технологија и ги исполнуваат стандардите на EURO 6. Се очекува автобусите да ги намалат емисиите на CO2, со проценета емисија од само 9 грама јаглероден отпечаток по километар по патник.

За да се обезбедат високи стандарди на услугата, како дел од набавката спроведена од УНОПС, возачите на автобусите добиле специјализирана обука од сертифициран возач од Турција.

Донацијата доаѓа со двегодишна гаранција за автобусите, која вклучува и нивно сервисирање и резервни делови.

Евроамбасадорот Михалис Рокас нагласи дека тие ќе придонесат за намалување на загадениот воздух, бидејќи, како што рече, тоа е еколошки проблем што се јавува по почетокот на грејната сезона и со години наназад го зема данокот со здравјето на граѓаните.

– Транспортот е причина за големото количество емисии на јаглерод диоксид што го испуштаме во атмосферата. На овој начин, овозможуваме граѓаните да може да го користат јавниот превоз наместо поединечни возила. Мора да го направиме јавниот транспорт колку што може помалку да загадува – изјави евроамбасадорот Рокас.

Тој наведе дека, освен Скопје, во рамките на проектот се опфатени и Битола, Куманово и Тетово, односно градовите што се соочуваат со зголемено аерозагадување.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, додаде дека овој настан е вистински пример за тоа како се претвораат заложбите во дела.

– Ова е само една од активностите што се предвидени со проектот „ЕУ за чист воздух“ и со која директно влијаеме на еден од детектираните извори на загадувањето. Со збогатувањето на возниот парк на ЈСП, ги подобруваме условите за користење на јавниот превоз од граѓаните – оцени Меџити.

Тој потсети дека Владата планира дополнително да набави 100-120 електрични автобуси за потребите на општините и за Град Скопје.

Според скопската градоначалничка, Данела Арсовска, донацијата на автобусите од ЕУ е голем успех на Градот Скопје и доказ за силната и безрезервна поддршка од Европската Унија.

– Ова е доказ дека нашата градска администрација, кога не е блокирана од никого, навистина е способна да спроведе нешто што е од корист и за Скопје и за целата држава – истакна Арсовска.

Додаде дека овој проект е навистина значаен за Градот Скопје, затоа што, како што рече, во својот втор сегмент Скопје добива од ЕУ и 3.000 садници, од кои првите 1.000 ќе бидат насадени во мегапаркот во Карпош, кој е во третата фаза од изведбата.

Таа изрази надеж дека овој проект ќе ги поттикне советниците во Советот на Град Скопје што е можно побрзо да го поддржат проектот за набавка на 250 нови електрични автобуси.

Арсовска ја поздрави одлуката на Владата да набави 100-120 електрични автобуси за јавен градски превоз, од кои најголем дел за Скопје, но смета дека треба да се остави време да се види дали ќе се реализира тоа што го имаат ветено. Таа истакна дека за набавката на електрични автобуси слушнала од медиумите и смета дека ваквата одлука е задоцнета.

– Можам само да ја поздравам набавката и да кажам дека е задоцнета, затоа што Владата имаше мнозинство во Советот на Град Скопје и веќе трета година по ред можеше да донесе иста или слична одлука без разлика дали се работи за задолжување или, пак, за средства што ги има Градот Скопје од сопствен капацитет и што можел да ги покрие – рече Арсовска во одговор на новинарско прашање по примопредавањето на донацијата од ЕУ на шест еколошки автобуси за ЈСП „Скопје“.

Арсовска нема повторно да се кандидира за прв човек на Градот

Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, нема да се кандидира и по втор пат да ја побара довербата од скопјани за да остане на чело на главниот град. Таа, во изјава за медиумите, рече дека повеќе не сака да работи со луѓе кои, како што кажа, знаат само да саботираат и да блокираат.

Според Арсовска, она што се случува во Градот Скопје и во Македонија е „едно крајно поларизирана атмосфера од политичките елити кои во овој момент делуваат во рамки на државата“.

Арсовска вели дека тие политички елити не заслужуваат луѓе што се обидуваат да придонесат за она што треба и може да биде подобро за Македонија.

– Им посакувам барем еднаш да докажат и да покажат, прво пред граѓаните, дека она што го зборуваат ќе можат да го реализираат за на следните избори да имаат поддршка од нив, во рамките на она што сме го виделе досега, а не верувам дека некој ќе мисли дека е тоа така. Јас, кога се кандидирав за градоначалник, ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, која, за жал, не успеа да се надмине себеси, односно неговото раководство. Суетите се преголеми за да му дозволите некому да работи без да му кажувате што и како да прави – вели Арсовска.

На новинарско прашање дали со последните случувања околу ЈСП „Скопје“, кога Владата донесе одлука да му се позајми нафта на претпријатието за да може да возат автобусите уште седум дена, на некој начин е започната кампањата за локалните избори, Арсовска рече дека не сака да навлегува во политичките агенди и во заднината на сето тоа.

– Нема да навлегувам во политичките агенди и заднини на ова што се случува, само можам да кажам дека верувам оти граѓаните се доволно паметни и ќе може да проценат кои се оние што можеа да го решат овој проблем во изминативе три години. Ако некој кажува дека следната година, по локалните избори, ќе го реши овој проблем, прашајте го зошто не го решил досега. Советот е оној што можел да ја донесе оваа одлука пред две-три години и зошто не ја носи, треба да ги упатите, како прашања, кај нив – одговори Арсовска.

Таа додаде дека набавката на автобуси би била реализирана досега доколку Градот можел да направи јавна набавка и да функционира активно без Советот.

– На советниците им понудив набавката да се направи јавно и транспарентно, така што сите политички групи во Советот ќе ја изберат спецификацијата на возилото и која банка ќе го финансира проектот. На тој начин, никој нема да може да преговара во четири очи за набавката на 100-ина автобуси, како што се најавува сега. Треба да се прашате зошто се најавува сега, кога истиот тој господин, истите тие луѓе можеа да го направат тоа и пред точно три години – заклучи Арсовска.

Исправени правописните грешки на ориентационите налепниците на новите автобуси

Новите автобуси со компримиран природен гас, кои денеска преку УНОПС беа испорачани на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје, а се донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, пристигнаа во Северна Македонија со ориентациони налепници на македонски, албански и англиски јазик од странскиот инвеститор, а на нив се забележани правописни грешки на  албански и македонски јазик, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање .

Оттаму додаваат дека грешките се веднаш воочени и изготвени се нови налепници од страна на УНОПС,  кои ќе бидат заменети пред пуштањето во употреба на шестте еколошки автобуси, наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје.

(А.П.) – фото: Петр Стојановски