Бројот на европските патници кои ги посетуваат Соединетите Американски Држави драстично се намали поради политичките и економските тензии, како и поради стравувањата од непријателската гранична полиција на претседателот Доналд Трамп, која сега им се заканува на најпрофитабилните авиокомпании во светот, пишува Фајненшл тајмс.
Бројот на посетители од Западна Европа кои поминале најмалку една ноќ во САД во март е намален за 17 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на американската меѓународна трговска администрација (ИТА).
Според анализата на Фајненшл Тајмс, патувањата од некои земји, меѓу кои Ирска, Норвешка и Германија, се намалени за повеќе од 20%.
Сериозна закана за американскиот туризам
Овој тренд претставува сериозна закана за американската туристичка индустрија, која сочинува 2,5 отсто од БДП. Некои авиокомпании и хотелски групи веќе предупредуваат на пад на побарувачката за прекуокеански летови и ширење „негативен впечаток“ за патувањето во САД.
Вкупниот број на странски посетители опадна за 12% во март во споредба со минатата година – најсилен пад од март 2021 година, кога туристичкиот сектор сè уште беше силно погоден од пандемиските ограничувања, покажуваат податоците на ИТА.
„Трамп го уништи угледот на САД за само два месеци, што е очигледно и во падот на патувањата од ЕУ во САД“, рече Пол Инглиш, ко-основач на туристичката платформа „Кајак“.
„Ова не е само уште еден удар за американската економија, туку и штета на угледот што ќе биде тешко да се поправи со генерации“, додава тој.
Најпрофитабилните рути во светот
Трансатлантските линии се меѓу најпрофитабилните во светот, а авиокомпаниите забележаа голема побарувачка по пандемијата, особено за премиум седишта.
„Вирџин Атлантик“ минатата недела предупреди на „умерен“ пад на побарувачката од американските патници за прекуатлантски летови, додека извршниот директор на „Ер Франс-КЛМ“, Бен Смит, рече дека компанијата морала да ги намали економичните цени поради „благо забавување на пазарот“.
Сепак, Бритиш ервејс (сопственост на ИАГ) и Американ Делта Ер Лајнс рекоа дека засега не забележуваат пад на интересот.
Успехот на авиокомпаниите е тесно поврзан со општата состојба на економијата, бидејќи потрошувачите често го одложуваат патувањето во време кога се плашат од рецесија. Аналитичарите во Barclays оваа недела рекоа дека и понатаму се загрижени за трансатлантските рути, за кои очекуваат да видат „остар пад на профитабилноста“ да станат реалност.
Значително е намален бројот на летни резервации од европските туристи
Нарен Шам, извршен директор на онлајн платформата за резервации за патувања Омио, рече дека стапката на откажување за патувања во САД во првиот квартал била за 16 проценти повисока од минатата година – со посебен фокус на откажувањата кај патниците од Велика Британија, Германија и Франција, каде што биле откажани дури 40 проценти од резервациите.
Извршниот директор на францускиот хотелски гигант Accor, Себастиен Базин, изјави за Блумберг дека извештаите за туристите кои се држат на границата со САД создале „лош впечаток“ за патувањето во САД.
Accor минатата недела објави дека летните резервации од европски туристи во САД се намалени за 25 проценти.
Падот на меѓународните пристигнувања во САД дополнително го истакнува економскиот ризик што произлегува од поагресивните гранични политики под Трамп.
Според ИТА, меѓународните посетители потрошиле повеќе од 253 милијарди долари на патувања и слични услуги во САД минатата година, што претставува повеќе од 19 отсто од вкупните трошоци за туризам од 1,3 трилиони долари.
Американската асоцијација за туризам предупреди на „загрижувачки трендови“, кои ги поврзува со „прашањето за добредојде“ на САД во светот.
NEW 🧵
The number of people travelling from Europe to the US in recent weeks has plummeted by as much as 35%, as travellers have cancelled plans in response to Trump’s policies and rhetoric, and horror stories from the border. pic.twitter.com/c3Bd2YxTeK
— John Burn-Murdoch (@jburnmurdoch) April 11, 2025