Откако во 2021 година со фантастична одбрана му ја донесе титулата на Макс Верстапен, Серхио Перез, ги доживува најтешките моменти во кариерата. Но, се чини дека Мексиканецот сепак ќе остане на Формула 1 шампионатот и следната сезона.
Практично, веќе една година се зборува за негово заминување од тимот на Ред Бул, но официјална потврда никогаш не се случи.
Мексиканецот е еден од најлошите на гридот оваа сезона, заедно со возачите како Сарџент, Строл и Џоу.
И додека неговиот тимски колега е на чекор до одбрана на титулата во конкуренција на возачи, тимот останува без трофеј во конструкторскиот дел пред поради лошите партии на популарниот Чеко.
Перез моментално се наоѓа на солидно 8. место во поредокот кај возачите со 151 бод. Дури 39 бодови зад Луис Хамилтон, кој и самиот призна дека оваа сезона со Мерцедес е за заборав.
Од друга страна, тимот на Чеко, Ред Бул Рејсинг е на третото место во генералниот поредок со 49 бода помалку од лидерот Мекларен.
А кога ќе се земе предвид и дека Макс Верстапен освои 393 бодови, во истиот болид, причината за нивниот пораз е повеќе од јасна. Но, тоа се чини дека во моментов не е проблем за тимот од Милтон Кејнс.
Како што дознава шпанска „Марка“, Серхио Перез и следната сезона ќе продолжи да вози за Ред Бул Рејсинг. Причината, како што наведуваат, се парите кои доаѓаат од мексикански спонзори.
Не е тајна дека некогаш најбогатиот човек на светот, Карлос Слим, стои зад кариерата на Чеко. И се чини дека токму овој господин повторно ќе вложи пари во својот миленик, се разбира преку спонзорство на Ред Бул Рејсинг.
Очигледно, 30-те милиони долари, кои се планирани, се доволни за бордот на директори на Ред Бул да замижи пред случувањата на патеката.
Засега нема официјална потврда за нови спонзори во Ред Бул Рејсинг, но наскоро се очекува објавување на нов „џиновски“ спонзорски договор.