Сензорен центар во градинката „Пампурче“ за практична настава на студентите

14

Првиот сензорен центар во Македонија кој беше отворен пред само неколку месеци во градинката „Росица“ – објект „Пампурче“, во општина Ѓорче Петров веќе бележи значајни успеси во своето работење. Вчера овој центар го посетија градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области.

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

-Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот – соопштија од Општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот Стојкоски истакна дека сензорниот центар претставува пример за посветеност на општината кон создавање подобри услови за развој на децата со специфични потреби и најави дека во иднина се планира да вакви капацитети да бидат отворени и во други објекти.