Не стивнуваат реакциите по трагичната смрт на младата Фросина Кулакова од несовесното возење на Васил Јованов, протест се одржа во Кавадарци, а најавен е попладнево за во Скопје. Семејството бара правна разрешница и казна за судијката Даниела Алексова Стојановска која по пресудата за дрога го пуштила Јованов од затворски притвор, дома. Од партијата ВМРО ДПМНЕ излегоа со шокантни тврдења дека во куќата на судијката во Ранковце бил сместен партиски штаб на СДСМ.
Не стивнуваат реакциите во јавноста по сообраќајната несреќа во која 20 годишниот возач Васил Јованов возејќи со брзина од 130 километри на час, на црвено, ја усмртти студентката Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ кај Универзална сала кога поминувала на пешачкиот премин.
Протест се одржа во Кавадарци на кој присуствуваа и членови на нејзиното семејството. Се обрати сестрата Росица која побара да се разреши судијката Даниела Алексова Стојановска која го пуштила возачот од притвор за дрога како и за неговиот татко. Со плачење побара достоинствена правна завршница за смртта на нејзината сестра.
– Ваквите лица не смеат да добијат јавна функција, туку да одговараат за сопственото делување, но и за криминалните постапки на своите помлади полнолетници. Општеството не смее да биде заложник на луѓе без морални темели – рече Росица Кулакова и додаде:
-Ние за Фросина бараме правда не само од убиецот, бараме правда и од таткото, бараме да одговара таткото, да се затвори таткото, Зоран Јованов и судијката, Даниела Алексовска-Стојаноска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство кон семејството, туку се кријат и бришат профили.
Граѓаните и за денеска попладне организираат протести во Скопје под мотото “Кој е следен”. Бараат од институциите – правда за жртвите на несовесните возачи, зголемување на казните и напуштање на праксата “влијание од позиција на моќ” по правосудните институции, полицијата, обвинителството, судот. Во овој синџир на органи кај кои граѓаните на протестите лоцираат потфрлување во спроведување на правдата, се приклучи и затворот, откако во јавноста беше објавена фотографија од возачот Јованов како користи мобилен телефон во дворот од истажниот затвор во Шуто Оризари. По скандалот со телефонот, Обвинителството најави истрага во затворот, а Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов, вчера вети дека корумпираните полициски службеници кои дозволуваат притворениците да дојдат до мобилни телефони ќе бидат избркани од работа
-Мобилниот телефон на притворениот возач на Фросина Кулакова по спроведената акција веднаш му е одземен како и повеќе други телефони кои се пронајдени. Меѓу нив и телефонот на лицето кое го слика притворениот В.Ј. Директорот на КПД Скопје, Бобан Утковски, ме информираше дека против лицата се преземени сите соодветни мерки кои се дозволени од законот, како би се обезбедиле протоколите и спроведувањето на законските прописи. Со други зборови и поконкретно – лицата од фотографијата сосема сигурно повеќе нема да имаат можност да држат во рака мобилен телефон во КПД Скопје. Лицата кои ги кршат ваквите прописи и предизвикуваат оправдан бес и гнев меѓу семејството на убиената Кулакова, но и целата јавност, ќе бидат најстрого санкционирани – напиша Пандов на социјалните мрежи
На возачот му беше одредена мерка притвор поради опасност од бегство и влијание врз истрагата што се води против него. Преку својот адвокат побарал поблага мерка на претпазливост поради психичката состојба во која се наоѓал, но неговото барање било одбиено од страна на судијата.
Во меѓувреме, правната фела е поделена по однос на пресудата за Јованов за кривичното дело трговија со дрога. Основниот Кривичен суд ја објави пресудата во која стои дека судијката Даниела Алексова Стојановска го испраќа во воспитно поправен дом на полни 19 години повикувајќи се на законот за Правда на децата и го пушта од притвор до спроведување на мерката. Поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски на социјалните мрежи пак тврди – Судот нема дискреционо право да одлучи за примената на вакви мерки, во конкретниот случај, дури и да сакал да помогне и да ги земе во предвид сите околности на случајот, возраста на сторителот, неговата зрелост и можноста за ресоцијализација. Прашање е дали имало вештачење за зрелоста на лицето, според пресудата, нема. Во овој контекст изрекувањето на заводска мерка е сериозно прекршување на законот односно заобиколување на правдата како некому одговара – напиша Панчевски
Партијата ВМРО ДПМНЕ на прес конференција излезе со шокантно тврдење дека во куќата на судијката Алексова-Стојановска која го спасила возачот од затвор бил сместен штаб на СДСМ. Објавија и фотографии од куќата на кои се гледа штабската просторија и партиски активисти во кампања.
-Судијата Даниела Алексовска Стојановска која требало да биде непристрасна и без партиски влијанија, не само што во нејзината кариера била пристрасна и работела по налог на СДСМ, туку во нејзиниот дом го сместила и општинскиот штаб на СДСМ во Ранковце. Очигледна е симпатијата на судијката Алексовска Стојановска кон СДСМ, штом како судија се дрзнала да отстапи простор за партиски штаб во нејзиниот дом – рече пратеникот Миле Лефков. (П.А)