„Семафор“: Администрацијата на Трамп ја разгледува можноста да го признае Крим како руска територија

211

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста да го признае украинскиот полуостров Крим, кој Русија го окупираше и анектираше во 2014 година, како руска територија во идниот мировен договор. Ова денеска во очекување на телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин го објави американскиот информативен портал „Семафор“, релативно нов медиум, основан во 2022 година од поранешни новинари.

Според информациите до кои дошол порталот од два информирани извора, американските власти разговарале и за можноста Вашингтон да ги повика Обединетите нации да преземат сличен чекор. Кремљ инсистира дека прашањето за статусот на Крим е затворено засекогаш, тврдејќи дека тој веќе официјално е дел од Русија.

Најавувајќи го телефонскиот разговор со рускиот колега на својата мрежа „Трут сошл“, Трамп напиша дека веќе се договорени „многу елементи од мировниот договор во Украина, но многу остануваат“.

Поранешниот командант на американските сили во Европа, пензионираниот генерал Бен Хоџис, рече дека мировниот план на Трамп вклучува „предавање“ на Украина на Русија. Тој го осуди Трамп за неговиот став кон Русија, посочувајќи го понижувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа како доказ за неговите намери.

-Ова не е ништо повеќе од план за предавање. Ова е притисок на САД врз Украина да и се предаде на Русија. Маската падна кога го видовме дебаклот во Овалната соба пред две недели, а потоа сè што следеше, рече Хоџис.

Во исчекување на телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин, кој како што објави Кремљ треба да се случи денеска меѓу 14 и 16 часот по македонско време, Зеленски преку објава на мрежата „Икс“ повика на притисок врз Москва да ја прекине војната, посочувајќи дека секој ден од војната е прашање на човечки животи. Тој рече дека Путин една недела не сака да каже „да“ за прекин на огнот и сè уште ја одложува војната, пренесе Индекс.хр. Додаде дека американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот е „за спасување животи, дозволувајќи им на дипломатите да работат на обезбедување безбедност и траен мир, „предлог што Русија го игнорира“. Тој постојано повторува дека иднината на Украина не смее да се разговара без Украина и дека Киев нема да прифати анексија на која било нејзина територија од Русија. Сепак, телефонскиот разговор на американскиот и рускиот претседател би можел да биде токму тоа, зашто Трамп вели дека „споделувањето на ресурсите“ ќе биде на маса.

Чекајќи го најбитниот телефонски разговор, се мобилизираше и Европа. Макрон денеска се среќава со Шолц и Мерц во Берлин, на разговори за Украина само два дена пред самитот на ЕУ.

ИЗДВОЕНИ