Членот на Судскиот Совет Селим Адеми, кого јавноста го поврзуваше со низата скандали што се случија во Советот во врска со предметот „Таргет – Тврдина“, за кој апелацискиот судија Енвер Беџети се најде на црната листа на САД поради чување на предметот во фиока, не верува во 2% доверба во правосудството и побара од Советот да направат нова анкета. Премиерот Хритијан Мицкоски повтори дека малиот процент на доверба на граѓаните во правосуството е една од причините за отпочнување на собраниската постапка за разрешување на членовите на Судскиот совет, кои се назначени на предлог на Собранието и претседателот, а меѓу нив петорицата е и членот Адеми кој е со најдолг стаж во Советот.
Членот на Судскиот совет Селим Адеми, кој стоеше зад ,„пучот“ на експретседателката Весна Дамева, денеска, на јавна седница, побара да се издвојат пари од буџетот на Советот за правење на анкета за доверба во судството, бидејќи не верува во таа што утврди дека граѓаните имаат верба во судиите од едвај 2 %. Адеми, кого јавноста го поврзуваше со низата скандали што се случија во Судскиот совет во врска со предметот „Таргет – Тврдина“, за кој апелацискиот судија Енвер Беџети се најде на црната листа на САД поради чување на предметот во фиока, вели дека од анкетите што ги презентирале другите институции, се земало предвид само најлошото. Исходот од скандалите по разрешувањето на тогашната претседателка резултираше со доаѓање на Оценска мисија од Европската комисија, која ја скенираше состојбата и даде препораки за работата на Советот.
– Предлагам да се одвојат пари во буџетот на Судскиот совет за правење анкета за довербата во судството, бидејќи го слушаме само најлошото од другите институции. Реално, довербата во судството не беше 2 %, беше околу 20 %, па предлагам да одвоиме пари и сами да направиме истражување на јавното мислење, па да видиме колкав е процентот на доверба на граѓаните – предложи Адеми на вчерашната седница.
Премиерот Христијан Мицкоски и денеска, по којзнае кој пат истакна дека малиот процент на доверба на граѓаните во правосуството е една од причините за отпочнување на собраниската постапка за разрешување на членовите на Судскиот совет, кои се назначени на предлог на Собранието и претседателот, а меѓу петорицата е и членот Адеми кој е со најдолг стаж во Советот.
-Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето, вели премиерот Христијан Мицкоски за разрешувањето на членови на Судскиот совет, посочувајќи дека „ги гледаат сите овие законски можности“, но и дека „како Влада нема да правиме ништо што е спротивно на Законот и Уставот“.
-Не ветивме, рековме дека тоа ќе биде една од мерките којашто ќе ја преземеме во борба на подобрување на работењето на судско-обвинителскиот систем во државава, бидејќи сите ќе се сложите, тоа е на екстремно ниско ниво од два проценти.
-Сега ние ако седиме на страна, и во публика само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните, граѓаните очекуваат акција од нас, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот во касарната „Гоце Делчев“.
Негативниот извештај за работата на Судскиот совет во Собранието ја отвори дебатата дали може бидат разрешени членовите избрани во Собранието. Претседателот на Собранието Африм Гаши изминатиот месец изјави дека ќе се консултираат со Уставниот суд , дали може да почне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови.
Процедурата е одредена во Деловникот. Комисијата за избори и именувања како што ги назначила, на ист начин да ги разреши и така да оди назначувањето на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за весникот ВЕЧЕР изјавија дека сеуште не е отпочната процедурата а ќе биде кога ќе се создале услови за тоа. (П.А)