За вториот повик кој ќе трае до 30 април, предвидени се 250 милиони евра, а како што кажа министерот за локална самоуправа Златко Перински, по забелешките на Општините по првиот повик, сега има олеснување во постапката за аплицирање. Согласно условите на повикот, сите општини можат да побараат финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието

Општините можат да аплицираат за добивање на финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти откако Министерството за локална самоуправа вчера го објави вториот повик. Согласно условите на повикот, сите општини можат да побараат финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието. Апликативните формулари треба да се достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства најдоцна до 30 април.

За вториот повик предвидени се 250 милиони евра, а како што кажа министерот за локална самоуправа Златко Перински, по забелешките на Општините по првиот повик, сега има олеснување во постапката за аплицирање. Тој рече дека овој јавен повик е креиран согласно барањата на градоначалниците и во него има поволни услови и очекува да се искористат планираните средства затоа што општините имале инфраструктурни проблеми.

– Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација која е неопходна за отпочнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие се две новини на барања на градоначалниците – рече Перински.

Распределбата на средствата ќе се врши врз основа на два критериума – резидентното население во општината согласно последниот Попис и комплетна проектна документација потребни за отпочнување на јавната набавка.

– Овој втор јавен повик, е продолжение на првиот јавен повик кој, како што рече, веќе дава резултати на терен. Најголем интерес во првиот повик имало за реализација на проекти од патната инфраструктура – рече Перински и тој во овие јавни проекти не гледа предизборен поткуп затоа што, вели дека на јавните повици може да аплицираат и да добијат средства сите градоначалници без разлика на нивната политичка припадност.

Финансиска поддршка со првиот повик е дадена на 288 проекти во 78 општини, со вкупна вредност од над 4,5 милијарди денари. Дури 251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката, од кои педесетина веќе се реализираат на терен; за 37 проекти се очекува почеток на тендерската процедура за избор на изведувач. Со тие средства веќе е започната изградба на градинки, спортски игралишта, се санираат и градат улици, водоводни и канализациони мрежи…

– Тоа се изградба на детска градинка во Инџиково и спортска сала во основното училиште во Црешево во општина Гази Баба. Реконструкција на втора фаза на спортската сала „Работнички“ во општина Центар. Уредување и заштита на речно корито на Серава, општина Бутел. Изградба на водоводна и атмосферска мрежа во населба „Дижонска“, општина Чаир. Реконструкција на Стара чаршија, општина Гевгелија. Во општина Аеродром, санација на јавната површина позади трговскиот центар „Капитол“ – додаде министерот.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ