Секоја четврта жена во Македонија со дијагноза рак на дојка

45

На светско ниво, ракот на дојката, е најчест рак кај жените, афектирајќи околу 10% од женската популација во некоја етапа од нивниот живот. Во Република Македонија најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените е ракот на дојка, а оваа болест е на прво место и по бројот на новорегистрирани случаи од малигни неоплазми кај жени во Македонија

Сè повеќе се зголемува бројот на пациентки со рак на дојка и тоа под 20-годишна возраст. За спречување на оваа веќе алармантна состојба потребна е едукација и подигнувањето на свеста за оваа болест. Ова беше потенцирано на трибината Карцином на дојка „Дијагноза, третман, естетика“, одржана во Гевгелија, во пресрет на 8 Март, денот на жената, која е дел од кампањата на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија и Здружението посветено на пациенти со рак и нивни негуватели „ХЕМА – ОНКО“.

– Зошто „розов октомври“ во месец март. Едноставно, сакаме да покажеме дека не треба само месец октомври да биде месец на борба против ракот на дојка, туку оваа борба треба да трае секој месец, секој ден и секоја минута. Со вакви трибини сакаме да постигнеме сите да станеме свесни за нашето здравје, за да можеме со едноставен самопреглед, со една редовна контрола, со ехо-преглед, мамографија или посета на хирург да се грижиме, ние жените, за нашето здравје – истакна  примариус, доктор Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, медицински директор на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

Со вакви редовни прегледи ќе се покаже дека превентивата е половина здравје и начин да не мора да се дојде во ситуација да се стане пациент на нашата клиника. Затоа, би било убаво кога во ваквите кампањи би се вклучиле и матичните лекари, бидејќи тие си ги познаваат своите пациенти и нивните здравствени проблеми. Со тоа и со редовните гинеколошки прегледи и ехо на дојка, најголем број на карциноми би се спречиле.

– Секоја четврта жена во Македонија има карцином на града, а што е уште позагрижувачко се поместува и старосната граница на заболување од над 40 години, на над 20. Затоа, моја препорака е секоја жена да си прави скрининг барем еднаш годишно. Со ехо-прегледите ќе постигнеме барем да се намали типот и развојот  на карциномот, затоа што ќе биде откриен уште во најрана фаза и ќе нема потреба од некои големи хемотерапии и опсежни оперативни зафати –  потенцираше Ѓоргиевска-Поповска.

Доктор Патрик Матх, директор на Општата болница со проширена дејност Гевгелија, истакна дека фреквенцијата на пациенти со дијагностициран рак на дојка во општина Гевгелија од година во година е сè поголем, а што е уште потрагично оваа болест сè повеќе се јавува и кај помладата женска популација. Годишно во нашата болница се дијагностицираат околу 40 заболени од рак на дојка – рече Матх.

Тој истакна дека треба, сите заедно, вклучувајќи го тука и Министерството за здравство, да работиме на подигнување на свеста кај жените, да ги охрабриме да одат на редовна контрола и да не се плашат од одењето на лекар.

– Тоа е за нивно добро, бидејќи ако болеста се развие, реперкусиите може да бидат со најлош исход. Државна стратегија за ова имаме, но проблемот е како од хартија, таа стратегија да ја внесеме во пракса. А, тоа може да се направи со тоа што преку превентивни акции ќе тропнеме на секоја врата, ќе поделиме флаери, на локално ниво, или како што тоа го прават некои поразвиени земји, преку пошта, секоја жена ќе добие покана и термин за да се јави на скрининг на дојка, предлага Матх.

Дел од присутните на трибината го споделија своето лично искуство во борбата со ракот на дојка. Сите тие потенцираа дека свеста кај жените во врска со оваа болест – ракот на дојка, сè уште не е на задоволително ниво.

(Љ.А.)

ИЗДВОЕНИ