Во битолските средни и основни училишта речиси секој трет ученик е жртва на врсничко насилство, покажаа прелиминарните резултати од научното истражување на тројца универзитетски професори во Битола, во кое биле вклучени и други експерти.
Од 609 анкетирани ученици, 159 одговориле дека се соочиле со булингот, а само 20 проценти кажале дека во нивното училиште нема таква појава, што укажува дека врсничкото насилство е сериозно присутно во училиштата.
Дури 27 проценти од испитаниците биле директни жртви на врсничко насилство. Притоа, најмногу било застапено психичкото насилство, потоа физичкото, а потоа насилството во сајбер-просторот.
Истражувањето покажало дека 96 проценти од учениците го препознаваат врсничкото насилство но, најголем дел не го пријавуваат. Стручњаците велат сега треба интензивно да се работи на намалување на оваа појава.
Тимот кој работеше на истражувањето најави дека следува детална анализа на податоците, а потоа со сите релевантни страни, ќе се изготви и стратегија на локално ниво која ќе биде применета во училиштата во Битола.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски нагласи дека, врсничкото насилство е проблем на кој во континуитет мора да се работи, да се бара заедничка акција, свесност и посветеност за негово спречување.
-Секоја форма на насилство меѓу учениците, без исклучок мора да биде навремено препознаена и соодветно третирана, затоа што границата помеѓу вербално малтретирање и физичко насилство е многу блиска, а денес и со зголеменото користење на интернетот, се појавуваат и други форми, кои може да остават сериозни последици врз менталното здравје на учениците и нивниот развој – истакна Коњановски.
Тој додаде дека ефикасното спречување на насилството, подразбира синхронизираност и координираност помеѓу образовните институции, стручните служби, полицијата, граѓанските организации и сите чинители кои согласно својата надлежност треба да дадат придонес за одржување на меѓусебната почит и толеранција кај младите.
-Сите заедно, да ги интензивираме мерките и активностите за создавање училишта без насилство, во кои секое дете ќе се чувствува среќно, прифатено, почитувано и безбедно – изјави Коњановски.