Секој петти брак завршува со развод – премногу слобода стана анархија

Ако пред десетина години со разводи завршувал секој осми склучен брак, сега со разделби завршуваат дваесетина проценти од нив. Социјалните психолози наведуваат дека бракот како институција е во криза и дека треба да се редизајнира, поинаку да се дефинираат првенствено внатрешните односи во него

74
НИ БРАЧНИТЕ ЗАВЕТИ НЕ ПОМАГААТ, СПОРЕД ПСИХОЛОЗИТЕ НИ ФАЛАТ ОПШТЕСТВЕНИ НОРМИ

 

Порано беа реткост, а сега се толку зачестени што речиси секој петти склучен брак во Македонија завршува со развод. Така покажуваат статистичките податоци за минатата 2024 година, кога од 10.987 склучени бракови со разделба завршиле нив 1.991, односно, секој 5,5 брак. А така е речиси секоја година, на чиј крај, во просек се забележува дека со развод завршиле бракови на околу 2.000 брачни двојки. Зголемувањето на учеството на разводите во македонските брачни статистики доаѓа најмногу од причина што наназад со години се намалува и бројот на склучените бракови. Така, на пример во 2013 година со развод завршил секој осми брак бидејќи во таа година имало 14.736 склучени бракови а пред судските инстанци разделување од своите партнери побарале 1.753 лица. Но, факт е дека секоја година се разделба завршуваат дотогашните брачни врски на околу две илјади партнери и што значи дека разводите стануваат сè почести.

Сето тоа води кон прашањето дали бракот како институција е во сериозна криза бидејќи од една страна сè помалку се склучува а од друга разделбите стануваат се позачестените.

-Живееме заедно осум години, а проблемите почнаа да се зголемуваат набрзо откако се родија децата. Не беа толку причина финансиските проблеми колку што внатре односите не ни функционираа како што треба. Како што работевме и јас и партнерот, проблемите почнаа да се множат околу тоа кој ќе се грижи за децата, за домаќинство, за хигиената, за јадењето, за колата, за родителите… Околу сето тоа постојано избувнуваа расправии кои само се зголемуваа, така што разводот беше неминовен – вели една скопјанка која сакаше да остане анонимна.

Социјалните психолози потврдуваат дека во вакви рамки често може да се стават причините поради кои дотогашните партнери бараат разделба.

-Факт е дека бракот како институција е во своевидна криза. Сето ова укажува дека партнерите бракот не го сфаќаат како сериозна институција и се однесуваат во стилот „може во брак, но и не мора, може и да се разведеме“. Бракот ја нема важноста како порано, сега има поинаква филозофија со која разводот станува честа опција за решавање на проблемите. На сцена имаме резон „нема тука што јас да размислувам и да решавам проблеми и да се откажувам од ова или она, туку ќе се разведам“. Тоа ни кажува дека бракот како институција треба да се редизајнира, првенствено поинаку да се дефинираат внатрешните односи во него – вели психологот Мирјана Јовановска за весникот ВЕЧЕР.

Разликите во карактерот, раното стапување во бракот, мешање на семејствата но и други причини како што се насилството, се една од најчестите причини за разделувањето на сопружниците. А сето тоа најчесто се случува во ситуација кога партнерите не знаат како да ги организираат внатрешните односи во семејството.

-Вообичаено се зборува дека економската независност ја забрзува одлуката за развод. Зошто тоа би било причина кога во секое семејство е добро да има повеќе пари. Основно е тоа што, се чини, луѓето сега не сме сигурни кој што треба да прави во бракот. Се загуби претходната брачна традиција а ништо ново не излезе и не се воспостави како филозофија. Проблемот е во тоа што жената очекува, а што очекува мажот во бракот. Ако жената работи, ако работи мажот, тогаш проблемот излегува околу тоа кој ќе го чува децата, како ќе се распределат обврските во куќата. Порано се знаеше, мажот оди на работа, во фирма или на поле, жената се грижи за домаќинство и потоа настанува проблемот која да земе која обврска. Тука доаѓаме до тоа кој како го разбира зборот еманципација и што прави внатре и каков придонес дава во семејството – вели Јовановска.

Најчесто, браковите се распаѓаат помеѓу петтата и деветтата година од заедничкиот живот (22,3 отсто). Интересно е дека најголем број разводи се случуваат во старосната група 35-39 години, и кај мажите и кај жените (17,6 проценти). Дополнително, се менува и возраста во која младите решаваат да стапат во брак. Според статистиката, просечната возраст за прв брак во 2023 година изнесува 27,5 години за жените и 30,1 година за мажите. Ова укажува на тоа дека младите парови го одложуваат бракот, главно поради финансиски и кариерни причини.

Психологот Јовановска додава дека бракот како институција треба да се чува.

– Бракот е добра институција. Добра е за сè, и за одгледување на децата и за споделување на грижи и обврски, за да може да се јавиш некому. Не може да се намали вредноста на партнерското живеење и покрај неповолните бројки. Треба да се вреднува тоа. Мислам дека нам ни фалат и општествени норми во кои ќе се чувствуваме безбедно, тоа се норми кои ги дава религија, норми кои ги дава општеството. Порано се знаеше кога се оди на одмор, кога се прави она или ова. Тие правила даваа сигурност. А сега премногу слобода стана анархија – потенцира таа. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ