Граѓани од Арачиново и Сингелиќ, организирани преку социјалните мрежи, вчера излегоа на протест за да го искажат незадоволството од високите сметки за потрошена електрична енергија. Некои од нив велат дека месечните сметки им се движат од 35.000, па дури до 75.000 денари.
Од Електродистрибуција известија дека кражбите на електрична енергија во овие населби се над 50 отсто.
– Само во последните шест месеци има над 100 записници за кражби во присуство на МВР. Секој корисник има право да побара корекција на фактура телефонски, преку е-пошта и во приемните канцеларии во Корисничките енерго центри на Електродистрибуција – велат оттаму.
Од компанијата истакнуваат дека постојано се инвестира во модернизација и унапредување на дистрибутивната мрежа, а во рамките на овие инвестиции целосно е реконструирана мрежата и во Арачиново и Сингелиќ.
– И покрај инвестициите во овие региони граѓаните ја уништуваат опремата и диво се приклучуваат на мрежата што претставува кривично дело. Кај дел од потрошувачите како резултат на овие инвестиции за првпат се отчитува точно потрошена електрична енергија – велат од Електродистрибуција.
Велат дека ги отчитуваат броилата секој месец, иако согласно Правилата за снабдување, компанијата има законска обврска да отчитува еднаш на три месеци.
– Процентот на отчитани броила на месечно ниво се движи околу 85%, а овој процент се зголемува на 95% и тоа во рок од само три месеци. Инаку, годинава Бројот на барања за корекција на отчитани состојби во периодот од декември 2024 до јануари 2025 година е за 20% помал отколку во периодот од декември 2023 до јануари 2024 година. Само 15% од барањата за корекција беа основани и за нив е извршена корекција на фактурите – прецизираат од Електродистрибуција.