Во државава мораме да имаме едно универзално средство за комуникација и разбирање, логично тоа треба да биде македонскиот јазик, кој, за жал, многу припадници на други етнички заедници не го познаваат. Без да навлегувам во причините за тоа, иако мислам дека дојде до израз во последните неколку години, кога и најмногу се потенцираше „градењето едно општество за сите“ – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР министерката за образование, Весна Јаневска |
Бранко ЃОРЃЕВСКИ
Осум месеци откако е на чело на ресорот, се чини, дека нема проблем кој ескалира во сферата на образованието и со кој не се соочува министерката за образование, Весна Јаневска. На лошата концепција за основното образование што ја наследи, сега се надоврзаа забелешките кон предлогот за промени во гимназиското образование предложени од МОН. Но, тука се и проблемите со преголемиот број образовни институции, со активирањето на вишокот од 5.000 наставници, со грижата за талентираните ученици… За сето тоа зборува Јаневска во интервјуто за весникот ВЕЧЕР.
о По реакциите во јавноста, изјавивте дека е можно менување на концепцијата за гимназиското образование. Во која насока би се движеле измените?
– Уште на самиот почеток, посочивме дека станува збор за нацрт-верзија и дека таа ќе помине низ процес на јавна расправа, преку кој ќе биде усвоена финалната верзија. Во ниту еден момент не рековме дека ова е промената што ќе следува и дека сугестии нема да се прифаќаат. Напротив, секој конструктивен предлог е добредојден. Но, очигледно, многу е тешко да се објасни дека ова е само појдовна основа за заедничко дефинирање на финалните промени што треба да се случат и сметам дека недовербата кај граѓаните кон институциите, особено кон Министерството за образование и наука, е оправдана, а ја наметна претходната Влада, предводена од СДСМ и од ДУИ.
о Имаше забелешки дека со предложената концепција ќе се нанесат непоправливи штети. Можно ли е целосно повлекување на концепцијата?
– Промени во гимназиското образование мора да се случат. Мора, во најмала рака, да ги промениме наставните програми по сите предмети, затоа што 24 години не се променети и тие де факто не се во согласност со современите трендови, текови, научно-технолошки достигнувања и така натаму. Денес имаме вештачка интелигенција, светот се фокусира на развој на зелените вештини, на дигиталната и на медиумската писменост. Ова се работи што мора да се учат на училиште, а кај нас ги нема во гимназиите. Зошто да ги лишуваме нашите деца од модерна настава и од изучување на области што ги интересираат? Така што ќе почнеме да ги менуваме наставните програми етапно, од септември годинава. А, за изработка на нова концепција што ќе треба да ги промени наставните планови, ќе имаме една година време за дебата и за усвојување.
о Се добива впечаток дека е полесно да се критикува отколку да се предложат прифатливи решенија.
– Така е. Голем дел од оние што критикуваат дека не чини предлог-концепцијата, не дадоа никакви сугестии за тоа што треба да се подобри во нејзината содржина и оттука се моите чести апели да направиме нешто заедно, во интерес на новите генерации, тие да се поместат од дното на ранг-листите на ПИСА и на ТИМСС. Не е доволно да кажете дека ако стане филозофијата изборен предмет, децата ќе ја загубат смислата на животот. Па 70 отсто од средношколците учат во средните стручни училишта, а таму нема филозофија. Дали значи тоа дека немаат смисла нивните животи? Повторувам, имаме време за заедно и добро да ја осмислиме целата реформа.
о Се чини дека тешко може да се направат промените во образованието. Зошто е тоа така, страв или избрзување?
– Граѓаните не веруваат дека ќе има вистинска јавна дебата и дека ќе можат да дадат свој придонес во креирањето на промените. Затоа што во минатото многу често се носеа одлуки со декрет и без дискусии. Сведоци сме дека така беше усвоена Концепцијата за основно и затоа сега јавноста смета дека и новата Влада ќе прави промени за кои никој нема да биде консултиран. Но, сакам уште еднаш да ја уверам јавноста дека има разлика помеѓу актуелната и поранешната Влада. Затоа и таа е поранешна, всушност. Бидејќи го манипулираше народот и тој возврати. Ништо повеќе нема да биде донесено, усвоено без да се консултираат засегнатите.
о Има вишок од 5.000 наставници, впечаток е дека стравуваат дека ќе останат без работа. Дали имаат отпорите кон реформите и таков мотив?
– Ги анализиравме сугестиите што пристигнаа и најчесто наставниците бараат зголемување на часовите по предметите што ги предаваат. Ако ги прифатиме сите, излегува дека ќе треба да бидат децата на училиште по 10-11 часа во денот. И свесна сум дека е иницирана реакцијата од личен страв и интерес, но каде е интересот на децата? Нели, за нив постоиме и работиме? А тие, во анкетата што ја спроведовме, велат нешто друго. Велат дека сакаат повеќе слобода во изборот на предметите, дека воопшто не им се интересни одредени предмети од аспект на понатамошно усовршување и на професионална реализација. И мислам дека треба да најдеме начин како да им излеземе во пресрет, како да имаме образование во чиј фокус ќе биде токму ученикот.
Секако дека немаме намера некој да биде отпуштен од работа. Не можам да си објаснам како имаме реакции и од наставници што имаат 10 часа неделно, што значи земаат половична плата, а не сакаат да се промени нешто. Не сакаат да бидат вклучени во повеќе активности и да добиваат целосна плата. Нема потреба од страв. Владата нема да прави политика од образованието.
о Лани најавивте намера за сериозна ревизија на постојниот број од 33 до 34 универзитети во Македонија. До каде е МОН во тој поглед?
– Македонија има број универзитети, речиси како во Германија, а колкава е разликата и по територија и по бројност на населението?… Ако сакаме квалитетно образование, мораме да се откажеме од квантитетот. Јавна тајна е дека имаме универзитети и научни институти што издаваат незаслужени дипломи. Како Влада, решени сме да ја смениме оваа практика. Од почетокот на мојот мандат досега, спроведени се над 1.500 надзори од просветните инспектори, вклучително и на високообразовните и научни установи. И увидовме дека дел од нив функционирале незаконски и, еве, да споделам дека веќе се затворени седум приватни научни институти. Всушност, дел од нив сами се затворија откако сфатија дека повеќе министерот не им е „другар“ и дека нема да им го „прогледува низ прсти“ непочитувањето на законите. Мислам дека ќе бидат уште повеќе, со оглед на тоа што констатиравме неправилности што тешко дека ќе можат да ги отстранат во зададениот рок од три месеци.
о Што е променето во однос на талентираните ученици?
– Парите за ученичкиот и за студентскиот стандард за годинава се значително зголемени. За ученичкиот околу 110 милиони денари, за студентскиот стандард околу 400 милиони денари. Пари со кои ќе ја поттикнеме мотивацијата кај младите да учат, преку унапредување на постојните, но и со воведување нови права. Генерално, забелешките беа дека не се обезбедува поддршка за талентираните средношколци, оние што настапуваат на престижни меѓународни натпревари и олимпијади. Жалам што било така. Во новиот закон за средно образование предвидовме за овие ученици да се исплаќаат средства за покривање на котизациите и на патните трошоци, а останува и натаму, доколку освојуваат високи места, да добиваат и финансиски награди од државата за тоа. Овој закон, за жал, не помина во Собранието, на крајот од минатата година, затоа што дел од политичките субјекти си најдоа политички мотиви да го бојкотираат процесот. Се сеќавате на „проблемот“ со химната, да може да се интонира во сите општини? Тој закон, надграден, повторно ќе го испратиме до пратениците, и тоа многу скоро.
о Добар дел од учениците постојано имаат проблеми со одредени предмети – математиката, физиката, хемијата… станаа баучи. Што е проблемот тука?
– Не би се согласила. Сепак, има и многу ученици на кои овие предмети им се меѓу омилените. Но, точно е дека има и деца што имаат одбивност и, веројатно, треба повеќе креативност во изнаоѓање на најдобриот начин за пренесување на знаењето од наставниците кон нив. Затоа МОН и БРО нудат обуки за наставниците, за континуиран професионален развој преку запознавање со нови методи на работа, нови начини на оценување и слично. Важно е да имаме и добра инфраструктура, опремени училишта со кабинети по сите, вклучително и по овие предмети. Не можете да учите физика и хемија ако немате епрувети, супстанци, микроскопи и слично. Ќе ги помогнеме во тој дел, секако.
о Во земјава како да постои цела „индустрија“ за одржување приватни часови за учениците. Тоа скапо ги чини родителите и е сива економија.
– До 15-годишна возраст, нашите деца поминуваат на училиште 900 часа помалку споредбено со европските врсници. Тоа создава голем јаз во знаењето и оттука потребата за посетување приватни часови, дополнителна настава и слично. Веќе најавивме етапно воведување едносменска настава и продолжен престој за учениците во сите училишта каде што постојат можности. Така ќе ги задржиме децата подолго на училиште, заедно со наставниците и ќе имаат повеќе време да му се посветат на стекнувањето знаења и вештини што им се од интерес. Ова ќе реши и еден друг предизвик – вишокот наставници. Сите тие ќе добијат полн фонд на часови и ќе добиваат целосна плата за трудот, која, патем, и етапно ќе расте, согласно со спогодбата која ја потпишавме со СОНК, а која во моментов е недоволна и таа е една можна причина за креирање сива економија каква што посочувате во прашањето.
о Дали ви е прифатлив предлогот на Советот за македонски јазик учениците од другите заедници да го учат македонскиот јазик од прво одделение?
– Во државава мораме да имаме едно универзално средство за комуникација и разбирање, логично тоа треба да биде македонскиот јазик, кој, за жал, многу припадници на други етнички заедници не го познаваат. Без да навлегувам во причините за тоа, иако мислам дека дојде до израз во последните неколку години, кога и најмногу се потенцираше „градењето едно општество за сите“, сметам дека секој еден граѓанин треба уште од најрана возраст да го изучува македонскиот јазик и да комуницира на него. За тоа колкав фонд часови е потребен, има стручни лица што знаат за колку време може да се совлада материјата.
о Граѓанската организација „Родителски фронт“ деновиве Ве обвини дека сте отвориле врата за, како што вели, „влез на најлошото од родовата идеологија во училиштата“. Дали е така?
– Мислам дека зборот „род“ различно се толкува од поединци и од различни општествени групи. Идејата на работната група што ја унапреди содржината на Законот за основно образование беше да се спречи, првенствено, родово базираното насилство. Не гледам тука отворена врата за некаква родова идеологија и, всушност, каква е таа родова идеологија? Но добро, секогаш постои простор за јавна дебата, која на крајот може да заврши кај пратениците, оние што ги застапуваат граѓаните во законодавниот дом.
Ќе им помогнеме на наставниците да изградат авторитет над учениците
о Како да се спречи врсничкото насилство во училиштата?
– Комплексен проблем во чие решавање треба да се вклучат сите општествени чинители. Во тој процес, првиот чекор е да им овозможиме на наставниците да изградат авторитет над учениците. Понатаму, родителите повеќе да се вклучат во образованието на своите деца. Знам дека е динамично времето, многумина се пренатрупани со обврски во секојдневието, но домашното воспитание никако не смее да биде запоставено. Треба да ги зајакнеме и стручните служби во училиштата, нешто на што работиме во моментов. И, секако, потребна е поголема меѓуресорска и меѓуинституционална соработка, поради што, бидејќи не постоела во повеќе случаи, дошло до ескалација.
Фото: Ѕ.Плавевски