Дебелината не е проблем само кај возрасните, загрижува податокот што во последните години децата се сè подебели поради консумирањето мрсна храна, сокови со шеќери и неколкучасовното поминување време пред компјутер. Според податокот од ИЈЗ, 30 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија се дебели, од нив 13,8 % живеат со дебелина, а 4,4 % се со екстремно голема телесна маса. Процентот оди нагоре и доколку не се промени нешто, се доведува во прашање здравјето на децата, пред сè поради ризикот од дијабетес, апелираат докторите. Потребна е едукација во училиштата, здрава исхрана и барем половина час пешачење во денот
Најдебелиот Македонец што побарал помош во Центарот за обезност во Скопје има 288 килограми. Првично дошол затоа што му пречела дебелината откако паднал, но по разговор со докторите, ја сфатил тежината на проблемот со кој живеел.
– Настапуваме пријателски, на луѓето кои страдаат од обезност им треба внимание, да сфатат дека станува збор за болест од која годишно во светот, од компликации, умираат 5 милиони луѓе – вели д-р Ирфан Ахмети од Здружението за обезност.
Но, дебелината не е проблем само кај возрасните. Последните години, децата се сè подебели поради консумирањето мрсна храна, сокови со шеќери и неколкучасовното поминување време пред компјутер. Не зачудува, но многу загрижува податокот од ИЈЗ дека 30 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија се дебели, од нив 13,8 % живеат со дебелина, а 4,4 % се со екстремно голема телесна маса. Процентот оди нагоре и доколку не се промени нешто, пред сè во свеста на родителите, се доведува во прашање здравјето на децата, пред сè поради ризикот од дијабетес. Потребна е едукација во училиштата, здрава исхрана, поголема физичка активност. Барем половина час пешачење во денот, препорачуваат лекарите.
– Особено загрижува обезноста кај децата. Се прават големи напори да се отвори центар за менаџирање на обезноста на Детската клиника, која ни е многу важна. Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 14-15 отсто од децата се обезни, а кај возрасните тој процент е 20. Повеќе од 50 отсто се натхранети и обезни. Обезноста, за жал, расте во земјите во развој, односно со среден раст, како што е нашата земја. Целта е навремено да се влијае во сите системи. Пристапот не е индивидуален, првенствено едукација од училиштата за здравиот начин на исхрана, за физичката активност. Вклучувањето на сите сегменти од здравство е многу важно – порача тој на заедничката прес-конференција со здравствените власти, по повод одбележувањето на Светскиот ден на дебелината.
Од Институтот за јавно здравје ги повикуваат властите да воведат регулативи за да се намали потрошувачката на небезбедна храна.
– Даноците на засладените пијалаци и забраната за рекламирање производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и трансмасти – треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе може да прават информирани избори за своето здравје – порачуваат од ИЈЗ.
Дебелината ќе биде болест и предизвик на здравството во следните две децении, вели директорот на Фондот, Сашо Клековски, кој најави дека луѓето кај кои не може да се контролира дебелината со лекови, ќе се оперираат кај нас, на Клиниката за дигестивна хирургија. Имено, четириесетмина пациенти со дебелина ќе може да се оперираат преку Фондот, најави директорот на Клиниката, д-р Огнен Костовски.
– Од тие 40-мина пациенти, имаме 30-мина што би биле за хируршко лекување и 10-мина за експандирачка капсула. На крајот од месецов или следниот, би можел да најавам дека би почнале првите интервенции. Пациентите ќе бидат регрутирани преку центрите за дебелина. Ние веќе го имаме формирано мултидисциплинарниот тим, во соработка со Клиниката за ендокринологија и со Клиниката за гастроентерохепатологија. За нив е обезбедена психолошка поддршка. Во однос на нутриционистите, за почеток ќе биде Клиниката за гастроентерохепатологија. Хируршкиот тим е комплетно подготвен, двајца наши хирурзи беа на обука на Малта, имаме соработка со Центарот за минимална инвазивна хирургија во Ниш. Првите интервенции ќе бидат, вака пластично кажано, со странска рака. Не дека ние го немаме искуството, вакви интервенции се правени претходно, со тоа што сега ќе биде стандардизирање на процедурите. На овој начин ќе го третираме заболувањето како во светски рамки и благодарен сум што се сфатија овие хируршки процедури како заболување, а не како естетика – кажа д-р Костовски.
Дебелината не е индивидуална болест, туку сите заедно, и Фондот за здравство, Институтот за јавно здравје, треба да се справиме со оваа хронична болест. Околу 215 милиони луѓе во светот имаат дијабетес поради дебелина, срцеви заболувања, хипертензија. Повеќе од 200 милиони луѓе имаат висок притисок поради дебелина, околу пет милиони луѓе умираат поради дебелина, велат докторите.
– Ќе има третман за пациентите што се со дијабетес и со обезност, кои се третираат со специфична терапија. Оваа година, тој број ќе порасне за 200 пациенти, што е релативно голем број. Исто така, сензорите во изминатите две години беа за 650 пациенти, оваа година ќе бидат 800 пациенти, што е релативно добар број, иако не е сосема доволен. Не е само за пациентите, односно децата со дијабетес, туку и за други пациенти што се во ризичните групи – најави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Околу 3.500 пациенти поминале во двата центри за обезност, на Клиниката за ендокринологија и оној во болницата „8 Септември“. Министерот најави уште еден во Прилеп. Од Здружението за обезност побараа од министерот шифрата Е66, односно болеста обезност да влезе во „Мој термин“. Според лекарите, дебелината, освен кардиоваскуларни болести, дијабетес, предизвикува и проблеми со колената и колковите, а тоа го покажал бројот на интервенции на Клиниката за ортопедија. (П.А.)