Сегашните осигуреници треба да имаат пензии за пристоен и спокоен живот

105

Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов денеска имаше средба со претставниците на МАПАС, Дарко Саздов и Ментор Јакупи, членови на Советот на експерти на Агенцијата, како  и со претседателите и на Управните одбори на приватните пензиски друштва: КБ прво пензиско, Сава-пензиско и Триглав пензиско друштво, Весна Стојановска, Снежана Станковиќ и Тихомир Петрески.

На состанокот стана збор за актуелната состојба во пензискиот систем и соработката на Фондот со МАПАС и пензиските друштва.

Директорот на Фондот, Мемов посочи дека, како ново раководство,  во изминатиот неколку месечен период  ги согледале сите процеси и состојби во Фондот. Тој додаде дека во наредниот период, заедно  и со Министерството за социјална политика, демографија и млади  треба да се разгледаат можностите за донесување на мерки со кои ќе се подобрат и зголемат приходите во Фондот.

Претставникот на МАПАС, Дарко Саздовски рече дека тие имаат доставено повеќе иницијативи до Министерството за финансии и Владата  за подобрување на ситуацијата  и зголемување на можностите за инвестирање на приватните пензиски друштва, што ќе придонесе во зголемувањето на нивните профити, а во интерес на сите осигуреници, корисници на вториот столб. Саздов истакна дека се многу задоволни што и од Фондот се пројавува интерес за соработка. Тој додаде дека сите инволвирани страни можат да придонесат во подобрувањето на пензискиот систем со заеднички напори и предлози.

Претставниците на друштвата посочија дека тие во дведецениското работење се имаат стекнато со знаење и имаат капацитет да предложат мерки кои би можеле да се преточат во политики, а се со цел поефикасен систем, со што сегашните осигуреници, а идни пензионери, ќе имаат пензии кои ќе им овозможат пристоен и мирен живот.

 

ИЗДВОЕНИ