Седумгодишно дете подметна пожар во маркет во Братислава: Луѓето итно евакуирани, штетата над 1 милион евра

31

Седумгодишно момче намерно предизвикало пожар во супермаркет во Братислава, при што е причинета материјална штета од повеќе од еден милион евра, соопшти денеска портпаролот на регионалната полиција Михал Сеиф.

“Момчето намерно предизвикало пожар во ходникот со тоалетна хартија и пелени за бебиња. Поради неговото однесување, пожарот се проширил и на друга стока”, објаснил портпаролот по анализата на доказите, пренесе ТАСР.

Нема повредени, иако клиентите и вработените морале да бидат евакуирани.

Полицијата поведе постапка за загрозување на јавноста.

„Поради возраста на сторителот, полицијата презема различни дејствија, во соработка со вработените во службите за социјална заштита“, додаде Сеиф.

Пожарот избувнал во саботата попладне и го изгаснале 28 професионални и девет доброволни пожарникари од Ружинов и Рача.