Седум од вкупно 15 кандидати ги собраа потребните 10.000 потписи за да се кандидираат за претседател на Македонија. Рокот истекува на полноќ, а изборната кампања почнува на 4 април. На листата што ја објави Државната изборна комисија има 15 кандидати, но осуммина од нив не успеаја да добијат поддршка.

Во претседателскиот ринг влегуваат: Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка и професорка како кандидатка на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ; Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија, кандидат на владејачката СДСМ; Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, кандидат на владејачката ДУИ и Билјана Ванковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, како кандидатка на партијата Левица. За претседател на Македонија ќе „трчаат“ и тројца градоначалници: Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, кандидат на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“; Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, кандидат на новоформираната партија За наша Македонија (ЗНАМ) и Стевчо Јакимовски, градоначалник на скопската општина Карпош.

Заклучно со денеска Стево Пендаровски имаше 22.411 потписи, неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова – 28.086, Бујар Османи – 11.085, Арбен Таравари– 10.710, Стевчо Јакимовски – 11.278, Максим Димитриевски – 11.605 и Билјана Ванковска – 10.528 потписи.

Останати осуммина кандидати за функцијата претседател излегоа од трката со оглед дека не ги собраа потребните најмалку 10 илјади потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 2.100, инфектологот и независен кандидат Вело Марковски – 1.596 потписи, Ѓорѓи Манасков – 483, Зорица Цветковска – 269, Господин Попоски 141, Гоце Ристов – 4 и Драган Николовски два потписа. До вчера, до затворањето на весникот, ниту еден потпис немаше за кандидатот Томе Николоски.

За неполн месец, на 4 април, веќе и официјално почнува изборната кампања за претседателските избори и таа ќе трае до 22 април.

Изминативе деновиве речиси сите кандидати во јавноста ги претставија своите заложби, а сите седуммина се со иста цел – да влезат во вториот круг на 8 мај.

Бујар Османи кандидат на владејачката ДУИ, вчера изјави дека работи на тоа за да влезе во вториот круг, но нагласи дека неговата партија, која е владин партнер на СДСМ, нема да повика за бојкотирање на изборите доколку нивниот кандидат не помине во вториот круг.

Во изминатите денови се споменуваше можноста ДУИ да го бојкотира гласањето на 8 мај доколку партите од коалицијата не го подржат нивното барање претседател на државата да се избира во Собрание.

Османи одговарајќи на прашање дали неговата партија ќе инсистира идниот коалициски партнер да поддржи уставни измени, нагласи дека ДУИ нема да прифати да биде дел од Влада без јасен договор за продолжување на преговорите со ЕУ

– ДУИ нема да прифати да биде дел од Влада без јасен договор за продолжување на преговорите со ЕУ, не заради тоа што сметаме дека е тоа интересно за кампањата, туку заради тоа што сме убедени дека не може да има прогрес на оваа држава без јасна европска перспектива, изјави Османи.

Повтори дека еден од столбовите во неговата програма е и претседател на државата да се избере во Собранието, а и дека предлага сите кандидати за шеф на државата да поминат низ ветинг пред нивното официјално номинирање.

И претседателскиот кандидат на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој е подржан од албанските опозициски партии, исто како и Османи, деновиве наведе дека приоритет во неговата програма ќе биде европскиот пат на Македонија и дека постои реална можност и тој да оди во вториот круг.

– Врз основа на анкетите што сме ги правеле, постои реална можност да одам во вториот круг. Секаде сум појаснил дека демографијата на Македонија, а според статистиката и последниот попис на населението, 54% се Македонци, околу 31% се Албанци и 15% се припадници на другите етнички групи. Нашата главна цел се секако Албанците и тука очекуваме најмногу гласови, но нашата кампања ќе таргетира и гласови на другите малцинства и на гласови од Македонците – рече Таравари, додавајќи дека неговата победа на претседателските избори ќе има влијание и на парламентарните избори на 8 мај.

Во врска со неговата програма, Таравари рече дека таа се заснова на 4 столба односно дека главната точка ќе биде европскиот пат на Македонија, а дека втората точка ќе бидат уставните измени.

-Треба да се внесе и бугарското малцинство во Уставот, а за ова нема да се прави компромис во преговорите за формирање на влада, како и да се тргне 20% за албанскиот јазик. Исто така ќе инсистираме претседателот да се избере во Собранието. Третиот столб ќе биде владеењето на правото, а четвртиот е регионалната соработката и стабилност – изјави вчера Таравари.

Актуелниот претседател Стево Пендаровски во изминатите денови порача дека на граѓаните не им треба претседател кој ќе кочи туку претседател со јасна европска визија кој ќе турка напред по вистинскиот пат. Истакна дека тој ќе влезе во вториот круг и дека ќе победи и порача дека ја очекува поддршката од сите етнички заедници, затоа што никој не може да стане претседател ако не добие широка граѓанска поддршка.

Неговата противкандидатка во претседателската трка професорката Гордана Силјановска-Давкова најави дека ќе се залага за консензус меѓу сите партии и за одење во ЕУ со стандарди, а не со фронтови и зборови. Рече дека причина поради која по втор пат се кандидира за претседателка е бидејќи граѓаните се во агонија, како и дека актуелната власт ѝ нанела голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија.

Во првиот круг ќе победи кандидaтот кој ќе освои повеќе од половина од гласовите од вкупниот број избирачи. Доколку во тоа не успее ниту еден од кандидатите се одржува вториот круг на 8 мај во кој се натпреваруваат двајцата најуспешни. За да биде успешен вториот круг треба да гласаат повеќе од 40 проценти од запишаните избирачи.

Граѓаните последен пат излегоа на претседателски избори во 2019 година кога Пендаровски ја победи Сиљановска во вториот круг.

(М.С.)