Бавниот метаболизам, освен што ја отежнува размената на материи во организмот и одржувањето на здрава телесна тежина, влијае и на намаленото ниво на енергија за секојдневните активности. Доколку го имате овој проблем, во продолжение дознајте кои фактори најчесто го забавуваат вашиот метаболизам.
Метаболизмот е одговорен за одржување на оптималната енергија во текот на денот. Иако може да ги издржи многуте предизвици што му ги поставуваме, треба да се негува на ист начин како што се грижиме за здравјето на кожата или мозокот, на пример. Метаболизмот ќе се прилагоди на нашите секојдневни навики, па затоа е важно да се има на ум што го забавува. Бавниот метаболизам значи и помалку енергија, а WebMD наведува неколку „виновници“ кои можеби се одговорни.
Седум фактори кои го забавуваат метаболизмот
Хормони
Промената на нивото на хормоните може да го забави трошењето на енергија на вашето тело што може значително да ве умори. Некои состојби, како што се намалена или зголемена функција на тироидната жлезда и нарушувањата на производството на естроген, влијаат на вашиот метаболизам. Стресот е одговорен и за ослободување на хормони кои можат да предизвикаат забавување на метаболизмот. Токму затоа, за правилен метаболизам е важно да го доведете стресот на минимум и да го проверите нивото на хормоните доколку се сомневате на дисбаланс, пренесува Miss7.
Недостаток на сон
Спиењето му помага на вашиот метаболизам да функционира нормално, а кога не спиете доволно, можете да го почувствувате тоа. Лошиот квалитет на сон и недоволниот сон може да доведат до дисбаланс на хормоните одговорни за контролирање на метаболизмот. Токму затоа е важно да спиете најмалку шест часа дневно, но најдобро е да спиете од седум до девет часа. Важно е и времето кога спиете. Ако често останувате будни до доцна навечер обидувајќи се да го надоместите недостатокот на сон во текот на денот, голема е веројатноста дека вашиот метаболизам ќе се забави.
Строга диета
Ако вашата цел е да изгубите тежина, строгите диети не се вистинскиот избор. Иако на почетокот може да покажат значително губење на тежината, последицата ќе биде забавен метаболизам. Преку многу рестриктивна диета, ќе го навикнете вашето тело на низок внес на калории и вашиот метаболизам ќе се прилагоди и ќе работи побавно. Обидете се да изгубите тежина со воведување поразумен калориски дефицит во комбинација со урамнотежена исхрана и вежбање.
Сол без јод
Хималајската сол или цветната сол е омилен избор на гурманите и готвачите, па често може да се најде во врвните ресторани. Таквата сол е добра кога се консумира повремено, но и недостасува јод, кој и е потребен на тироидната жлезда за управување со метаболизмот. Во секојдневната употреба, сепак треба да користите јодирана сол или да вклучите храна богата со јод, како што се ракчиња, во вашето мени.
Недостаток на вода
Водата е клучот за правилно функционирање на организмот, а кога телото е жедно ќе настрада и метаболизмот. Истражувањата покажаа дека намалениот внес на вода може да го забави производството на енергија, па затоа е неопходно да се пијат осум или повеќе чаши дневно. Ако се занимавате со спорт или други физички тешки активности, треба да пиете уште повеќе вода.
Недостаток на калциум
Калциумот во организмот не е неопходен само за одржување на здрави коски, туку е и клучен минерал за правилно функционирање на организмот. Со храна треба да внесувате доволна количина на калциум, а доколку имате сериозен недостаток, ќе ви помогнат и суплементите. Внимавајте кога земате суплементи бидејќи калциумот во големи количини може да се таложи во крвните садови и на тој начин да создаде дополнителни проблеми. Пред да одлучите да земате додатоци од секаков вид, консултирајте се со вашиот лекар.
Исфрлање на јаглехидрати
Намалувањето на внесот на едноставни шеќери е секогаш добра идеја, но целосното исфрлање на јаглехидратите од вашата исхрана може да го забави вашиот метаболизам. Јаглехидратите се клучни за производство на енергија во организмот, а учествуваат и во процесот на разградување на мастите. Целите житарки и производите од нив се идеален начин да ја задоволите вашата дневна потреба за јаглени хидрати без да предизвикате нагли скокови на шеќерот во крвта.