Седница на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија

27

Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија во земјава денеска разгледа повеќе теми од значење за електроенергетскиот сектор, со
посебен акцент на моменталната состојба на снабдувањето со електрична енергија во
земјата. Членовите на Комисијата во кој учествуваа претставници од Регулаторната комисија за енергетика, како и од енергетските компании АД ЕСМ, МЕМО ДООЕЛ Скопје, ЕСМ Енергетика, ЕВН ХОМЕ ДООЕЛ и ТЕ-ТО АД Скопје, беа информирани информирани за проблемите со термоелектраните, особено во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. РЕК Битола моментално работи со два блока, со просечна потрошувачка на јаглен од 12.500 тони на дневно ниво.

– Во ТЕЦ Осломеј има недостиг од квалитетен јаглен. Како резултат на работата на претходното раководство и користењето на јаглен со лош квалитет направен е прекин на работата на овој производствен капацитет. Поради тоа, за ТЕЦ Осломеј е објавен оглас за набавка на 400.000 тони јаглен, кои треба да пристигнат на депонија за да може да се стартува со работа – информираа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Покрај тоа, беше претставена и актуелната состојба на хидроакумулациите, кои се на
ниво од 10% на капацитет, што е значително под повеќегодишниот просек за овој период од годината.

– Ваквата состојба, заедно со можните исклучувања во термоелектраните, предизвикува сериозна загриженост за стабилноста на електричната мрежа во земјата, особено во зимскиот период, кога се очекува поголема потрошувачка на енергија. Ситуацијата во југозападниот дел на земјата внимателно се анализира и набљудува, каде што постои ризик од преоптоварување на електропреносната мрежа во случај на нерасположливост на клучни блокови во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и можноста од појава на обилни врнежи од снег. Меѓу другото, се анализираат различни сценарија за избегнување на различни можни кризни ситуации кои се карактеристични за овој период од годината, како и заштитни мерки, но состојбата во континуитет се следи – велат од МЕРМС.

Во рамки на седницата беа разгледани и прашањата поврзани со пазарот на електрична енергија. Во ноември 2024 година, просечната цена на енергијата на пазарот во РСМ изнесуваше 165 евра/MWh, што е приближно во рамките на цените во регионот.

– За јануари 2025 година се очекува зголемена потрошувачка и потреба од дополнителни набавки, особено за ЕВН Хоме, чие годишно потрошувачко ниво е зголемено во однос на минатата година. Во обид да се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија во текот на зимскиот период, МЕПСО, заедно со други релевантни институции и компании, презема мерки за подобрување на инфраструктурата и надминување на дефектите во системот. Особено важен проект е поставувањето на новиот трансформатор во ТС Битола 2, кој се очекува да помогне во стабилизацијата на снабдувањето во регионот – потенцираат од МЕРМС.