Поскапи престојот на дечињата во градинките во Карпош

315

Се зголемуваат цените за згрижување и престој на дечињата во предучилишните установи на територијата на Општина Карпош. Отсега, за целодневен месечен престој за дете до 6 годишна возраст ќе се плаќа 2.000 денари, а се плаќаше 1.490 денари. Истиот месечен надомест ќе изнесува и за престој и исхрана на дете од 6 до 10 годишна возраст.

Ваквата одлука е донесена на последната седница на Советот на Општина Карпош.

Причината за корекцијатана цените, како што е констатирано, се зголемените режиски трошоци и континуираниот пораст на цените на прехранбените производи, но како што било наведено, тоа ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите кои ќе ги добиваат најмладите карпошани.

Советот даде „зелено светло“ и за измена и дополнување на Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечкии поставување на нови лифтови во станбени згради.

За таа намена, Општина Карпош од својот Буџет ќе обезбеди 4.000.000 денари, со кои по принципот „прв дојден – прв услужен“ ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и/или санацијата на постоечкиот лифт или поставување на нов лифт.

Со истата динамика се изгласани измените и дополнувањата на Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на покриви на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни покриви на куќите. Оттука, локалната самоуправа со 4.000.000 денари ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санација на покрив за секоја одобрена апликација, поднесена од Заедница на станари или Управителот на станбената зграда врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции.

За индивидуални станбени објекти односно за куќи, Општината ќе субвенционира најмногу до 60%, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот покрив, за секоја одобрена апликација.