Релативно стабилна е состојбата на повредените во дискотеката, но не може да се каже каква ќе биде состојбата понатаму, бидејќи се уште е рано – изјави денеска Јовица Андовски, заменик министерот за здравство. |
Неколку дена по ужасниот пожар во кочанската дискотека се зголемува бројот на повредените лица како последица од вдишувањето на врелиот и токсичниот воздух. Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, денеска информира дека вчера, по првичните 155 повредени лица, биле хоспитализирани уште 20 повредени, меѓу кои и тројца пожарникари.
-Со тоа и покрај преносот во странство бројот на хоспитализирани е околу 90 повредени и тоа во Клинички центар 60 лица, ГОБ „8 септември“ 17 лица и „Св. Наум Охридски“ 12 лица. На тоа треба да се додадат 8 повредени во „Аџибадем Систина“ и 6 повредени во „Жан Митрев“ – информира Клековски.
Напоредно со ова, заменик министерот за здравство Јовица Андовски денеска информира дека во земјава се лекуваат 89, а 76 се транспортирани во странство
-Релативно стабилна е состојбата на повредените во дискотеката, но не може да се каже каква ќе биде состојбата понатаму, бидејќи се уште е рано – соопшти Андовски додавајќи дека во Скопје пристигнале докторите од Белгија, Израел, Чешка и од Србија.
Андон Чибишев, директор на Токсикологија, денеска рече дека доцните компликации се очекувани.
-Ваквите труења, посебно со отровни гасови, може да дадат доцни компликации и на сите пациенти им е препорачано во наредните 10 дена да дојдат на контрола, веќе почнаа да се закажуваат контроли – рече тој.
Нови групи на најтешки пациенти синоќа биле префрлени во Хрватска, Словенија и Виена по двајца, тројца во Атина. Планирани се и дополнителни префрлувања во Австрија, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и Словенија. Истовремено, од болниците во земјите во регионот во коишто се префрлени македонски пациенти доаѓаат информации според кои најкритични се неколкумина пациенти сместени во Белград, Солун и во Софија.
Во ургентниот центар во Белград се лекуваат 17 пациенти.
-Сите пациенти се се тешки телесни повреди кои с еопасни по живот. Од осуммина тројца се на респиратори. Телесната површина која што е зафатена со опекотини се движи до 25 проценти. Сите имаат и симптоми на труење и на опекотини во респираторниот тракт поради што се животно загрозени. Нивното лекување ќе трае долго – изјави Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
Според директорката на Одделот за изгореници на солунската болница Софија Пападопулу тројца од пациентите се во критична состојба.
-Двете девојки и момчето на возраст од 19, 25 и 26 години се во критична состојба и сè уште не може да се каже дека се вон животна опасност. Иако имаат изгореници, главно на лицето и рацете, исто така вдишале и чад, очигледно долго време останале во просторот каде што се случи несреќата, па имаат изгореници при вдишување, односно оштетување на белите дробови и дишните патишта, што е она што го можеби ќе ја отежне состојбата и текот на нивното здравје, што најверојатно ќе биде долгорочно – рече таа.
Ова болница денеска ја посетиле министерот за здравство Арбен Таравари и за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Во болницата „Папаниколау“се хоспитализирани три лица, а во Воената болница во Солун други двајца повредени, сите со тешки изгореници. Сите петмина пациенти, како што објави Таравари, се во стабилна состојба.
-Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и владата за нивната посветеност и помош! Ќе ве информирам за другите пациенти! – напиша Таравари во објава на Фејсбук.
Благодарност до Грција искажа и министерот Муцунски.
-Заедно со мојот колега, министерот за здравство дојдовме денеска овде за да ја изразиме нашата благодарност, да се молиме дека никогаш нема да треба да возвратиме на ваков тип на длабока солидарност. Благодарност до грчките граѓани, до грчката Влада за нивната отвореност, истакна министерот Муцунски.
Уште вчера директорот на болницата „Пирогов“ во Софија, Бугарија соопшти дека е тешка состојбата на тројца примени пациенти. За шест пациенти кои се наоѓаат во Анкара, Турција се информира дека состојбата им се подобрила. (Б.Ѓ.)