Се запишаа и во „Гинис“: Се венча најстарата двојка на светот – никогаш не е доцна за љубов од 202 години

122
Фото:принтскрин/видео Гинисова книга на рекорди

Марџори Фитерман и Берни Литман најдоа љубов во старечки дом во Филаделфија откако починаа нивните долгогодишни партнери. По девет години врска, тие решија да се венчаат и со тоа влегоа во Гинисовата книга на рекорди.

Дека животот има чудни патишта сведочи и податокот дека Фитерман (102) и Литман (100) можеле да се сретнат децении порано бидејќи и двајцата студирале на Универзитетот во Пенсилванија, пренесува Експрес трибјун.

Меѓутоа, Марџори одлучила да стане учителка, а Берни се зафатил со инженерство, па нивните патишта не се вкрстиле. И двајцата поминаа повеќе од 60 години во брак со нивните први сопружници пред да станат вдовци и да се преселат во ист дом за стари лица.

Маскенбалната забава на истиот кат им даде шанса конечно да се запознаат, а меѓу нив набрзо се разгоре романса.

Повозрасната двојка го имаше првиот состанок на истиот ден кога се родила правнуката на Литман. Тие се поврзале за време на заедничките оброци и учествувале во театарски продукции организирани од домот.

Според Гинисовата книга, тие се зближиле особено за време на пандемијата, која тешко ја погоди постарата популација, особено во домовите за стари лица.

Внуката на Литман, Сара Сишерман, за медиумите изјави дека нејзиниот дедо и Марџори биле „многу среќни што се пронашле и си се поддршка еден со друг“.

Нивната врска достигнала такво ниво што решиле да ја крунисаат со брак, на церемонија во мај.

„И двајцата го сакаат хуморот и интелектот на другиот. Се одржуваат млади“, вели Шишерман.

Двојката на крајот се најде во Гинисовата книга на рекорди, која неодамна официјално ги вброи како најстара брачна двојка, кога ќе се соберат нивните години.

Титулата ја обезбедија на 202 години и 271 ден.