Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, објаснува дека во Македонија ниту една приватна институција нема лиценци за приредување онлјан игри на среќа, но дека, сепак, се присутни. – Детектирани се околу 160 провајдери што се присутни на македонскиот пазар, а немаат лиценца за организирање онлајн игри на среќа – вели Андоновски и додава дека ова е еден од начините да се спречи младите да имаат пристап до нелегалните онлјан игри на среќа и да споделуваат податоци што лесно може да бидат злоупотребени

 

Во собраниска процедура се влезени измените на Законот за електронски комуникации, со кои се забрануваат нелегалните онлајн игри на среќа. Измените ги потегнало Министерството за дигитална трансформација, заедно со другите институции што се засегнати во оваа област.

– Во Законот за електронски комуникации предвидуваме една измена каде што со закон ги забрануваме нелегалните онлајн игри на среќа или онлајн коцкарници. Во Македонија, ниту една приватна институција нема лиценци за приредување онлјан игри на среќа, а граѓаните знаат дека се присутни бројни такви. Детектирани се околу 160 провајдери што се присутни на македонскиот пазар, а немаат лиценца за организирање онлајн игри на среќа – вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Тој вели дека се известени за измените глобалните приредувачи на игри на среќа што не добиле и никогаш не аплицирале за лиценца во Македонија.

– Гледавме да не упаднеме во надлежностите на Министерството за финансии, УЈП и на Државната лотарија и заедно со нив стигнавме до законско решение, кое помина на Влада и по седум дена е влезено во собраниска процедура. Очекувам да помине на Комисијата за дигитална трансформација – вели Андоновски.

Според него, ова е еден од начините да се спречи младите да имаат пристап до нелегалните онлјан игри на среќа и да споделуваат податоци што може лесно да бидат злоупотребени. Андоновски очекува предлог- измените на законот да бидат прифатени од сите политички партии во Парламентот.

– Станува збор за измени на закон што не се од политичка природа и се надевам дека сите пратеници од која било политичка партија ќе ги поддржат, бидејќи навистина тоа е начин како да ги спречиме нашите млади тинејџери да играат онлајн игри на среќа и да споделуваат лични информации онлајн, кои не знаеме каде одат – порача Андоновски.

ИЗДВОЕНИ