Легендарната американска скијачка, Линдзи Вон (40), објави дека се враќа од пензија, по пауза од пет години, откако реши да стави крај поради сериозните повреди со кои се соочуваше во текот на кариерата.

Вон е трикратна освојувачка на олимписки медали, вклучувајќи злато во спуст, бронза во супер-џи на ЗОИ во Ванкувер, во 2010 година и бронза во спуст на Игрите во Пјонгчанг, во 2018 година. Таа го освои Големиот кристален глобус четири пати, а има и осум медали од светските првенства.

Нејзините 82 победи во Светскиот куп беа рекорд кај дамите додека не беше соборен минатиот јануари, од сонародничката Микаела Шифрин, која сè уште е активна и има 97 победи зад своето име – повеќе од која било алпска скијачка во историјата на спортот.

Кариерата на Линдзи Вон ја обележаа бројни повреди, имаше скршеници на рацете и на нозете, скинати лигаменти на коленото, потрес на мозокот и низа други работи. Овој април таа го оперираше коленото.

Според Американската скијачка асоцијација, Вон тренирала во последниве месеци. – Враќањето на скијањето без болка беше неверојатно патување – рече Вон, додавајќи дека сака да продолжи да го споделува своето знаење за спортот со неверојатните жени во тимот на САД.

Претседателката и извршен директор на американската скијачка асоцијација, Софи Голдшмит, истакна дека посветеноста и страста на Линдзи Вон кон алпското скијање се инспиративни. Вон се враќа во тимот, но сè уште не е познато на кои трки има намера да учествува. Следните Зимски олимписки игри се во Италија, во февруари 2026 година.