Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ сообраќаат по делничен, односно вообичаен возен ред. Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП изјави за весникот ВЕЧЕР дека е нормализирана состојбата откако на 31 декември беа повлечени возилата во гаражите поради повторно немање нафта.
– Пристигнаа цистерните со нафта. Нафта има. Автобусите веќе возат по вообичаениот возен ред, но со намален број за 20 % поради тоа што учениците и студентите се на распуст. Вака ќе биде до 20 јануари, по што во сообраќај ќе се врати целата „флота“ на ЈСП – истакна Стојановски.
Стојановски истакна и дека со 120 милиони денари што му ги префрли Владата на ЈСП, студентите ќе имаат бесплатен превоз годинава.
– Останува долгот од пандемијата до 2024 година што го има Владата, односно Министерството за образование кон ЈСП. Се надевам дека во некој нареден ребаланс на буџетот ќе биде исплатен и остатокот за да можеме и ние да го исплатиме долгот за нафта кон „Пуцко петрол“, кој мислам дека изнесува некаде околу шест-седум милиони денари. На тој начин ќе се порамниме и, конечно, ќе можеме да го фатиме нормалниот тек – потенцираше Стојановски.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека повторното повлекување на автобусите на ЈСП „Скопје“ во гаражите не било поврзано со немање нафта, туку проблемот бил административен.
– Од тоа што го добив како информација е дека раководството на Јавното сообраќајно претпријатие не доаѓа на работа. Проблемот е административен. Не е проблемот дека нема количини нафта – изјави Мицкоски.
Тој апелираше до раководството на ЈСП и до раководството на Град Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз.
– Дали не е потпишан договор, дали нешто друго… нека се именува ново лице или нека направат нешто, затоа што ова веќе ги поминува сите граници на едно однесување што не треба да се случува – дециден е Мицкоски.
На новинарско прашање за тоа како да се надминат проблемите со автобусите во Скопје и со функционирањето на Градот, рече дека навистина не знае што да направат повеќе тие како Влада за да помогнат.
– Ние немаме ингеренции, нити, пак, согласно со Законот за локална самоуправа можеме да направиме нешто. Тоа е најлошото што може да се случи во овој момент и затоа министерот има амбициозна агенда да се измени законот во тие сегменти, затоа што, очигледно, може да ни се случи како што ни се случи ова – комплетно да биде парализиран главниот град поради одредено несовесно однесување на тие што треба да го менаџираат. Јас навистина не знам што можеме дополнително да направиме ние – рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека Владата не може да ги менаџира јавните претпријатија бидејќи нема законски ингеренции.
– Доколку го направиме тоа, ќе викаат насила преземаме нешто или, пак, трошиме незаконски народни пари. Не можеме да го направиме тоа. Така што уште еднаш, еве до локалните избори, до промена на тимот што ќе го менаџира главниот град, апелирам на разум, замолувам на разум барем овие месеци. Како можеме да помогнеме, кажете да помогнеме, само граѓаните да не ги чувствуваат последиците од лошото менаџирање и од меѓусебните конфликти што се случуваат. Ајде конфликтот што е со Владата, еве ние како Влада, велиме нема повеќе конфликт. Кажете што треба, само да помогнеме, само работата да биде како што треба. Но, очигледно, таму и внатре има многу конфликти, многу недоразбирања, кои резултираат со ова што му се случува сега на ЈСП – нагласи Мицкоски.
Стојановски потврди и дека му бил продолжен мандатот на в.д. директорот Драги Кушовски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, во телевизиско гостување ги негираше проблемите во ЈСП.
– Состојбата е редовна како и деновиве. Нафта има за автобусите на ЈСП согласно со договорот што е склучен за интервентна набавка на еуродизел поради што јавниот превоз функционира редовно и согласно со плановите. На директорот Драги Кушовски му е продолжен в.д мандатот откако му истече првиот шестмесечен мандат и потпишав решение за ново назначување. Не знам зошто се шират неточни наводи, но, можеби, некој сака да скрие нов скандал или непријатни информации – рече Арсовска.
ЈСП склучи договор со „Пуцко петрол“ за интервентна јавна набавка на еуродизел, на почетокот од месецов, а тендерот во вредност од околу два милиони евра е со важност од три месеци.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на крајот од минатиот месец, изјави дека долгот на централните власти кон Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од јануари идната година ќе изнесува 10 милиони евра и оти Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз.
Како што наведе Државниот завод за ревизија, во извештајот што го објави во октомври, МОН две години не ги покривало трошоците за превоз на студентите, а Владата не донела одлуки, иако продолжи бесплатниот превоз на студентите од ЈСП.
(А.П.)