На скопските улици возат и еколошка петка и `рѓосана дваесет и двојка!

1419

Скопјани, кои во вчера чекаа превоз на „Рекорд“, беа пријатно изненадени од новиот еколошки автобус со бројот „5“, донација од ЕУ, но и разочарани од автобусот „22“, кој стигна веднаш по него. Ако првиот им предизвика восхит и желба да се возат со вакви европски возила во иднина, вториот беше целиот `рѓосан и со излупена боја на некои места, како бугарските „чавдари“ од пред еден век.

Од ЈСП велат дека шесте автобуси се пуштени во сообраќај во понеделникот и ќе ротираат на линиите: 2, 4, 5, 7, 15, 16, 24 и 50. Веќе добиваат позитивни реакции од патниците, кои, како што нагласуваат, имаат желба целиот возен парк да ни биде европски. Целиот позитивен впечаток е расипан од лошиот превод на македонски јазик, на налепниците со упатство за итни случаи, на кои место „во итен случај, скршете го стаклото“, пишува „во случај на итна, кршина чаша“

 

Скопјани, кои вчера чекаа превоз на „Рекорд“, беа пријатно изненадени од новиот еколошки автобус со бројот „5“, донација од Европската Унија, која му подари шест вакви возила на Градот Скопје. Автобусот беше чист и осветлен однатре, а однадвор црвено обоен и ишаран со мотиви од Скопје.

Но, автобусот со бројот „22“, кој дојде веднаш по него на автобуската станица, го прекина моменталното чувство на восхит. Никој не можеше да поверува дека со таков автобус, целиот `рѓосан и со излупена (кафеава) боја на некои места, како бугарските „чавдари“ од пред еден век, се возат патниците низ македонската метропола. Граѓаните коментираат дека само во нашата чудесна Македонија може да се видат вакви контрасти.

Оние што имаа можност да се возат во новите автобуси, велат дека токму ваков возен парк му е потребен на ЈСП, со кој ќе им се обезбеди достоен јавен автобуски превоз на скопјани. Од ЈСП велат дека шесте автобуси се пуштени во сообраќај во понеделникот и ќе ротираат на линиите: 2, 4, 5, 7, 15, 16, 24 и 50. Веќе добиваат позитивни реакции од патниците, кои, како што нагласуваат, имаат желба целиот возен парк да ни биде европски.

Целиот позитивен впечаток е расипан од лошиот превод на македонски јазик, на налепниците со упатство за итни случаи, на кои место во итен случај, скршете го стаклото“, пишува „во случај на итна, кршина чаша“.

Надлежните од претпријатието велат дека е тоа случај само во еден автобус.

– Налепниците стигнаа со погрешен превод од турскиот производител, компанијата БМЦ. Тоа беше воочено уште при нивните пристигнување и примопредавање и беа направени нови. Тоа не е наша грешка, туку на турската компанија, која е исправена. Но, изгледа, само во еден автобус не се сменети налепниците со нови. Во петте возила се ставени новите. Но, можеби, во меѓувреме е поправено тоа и се ставени нови налепници и во тој автобус – образложија од ЈСП.

Токму овие налепници беа првата забележана грешка кај шесте едноподни автобуси на компримиран природен гас, донирани од ЕУ, во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.

Потоа следуваа други грешки, кои предизвикаа поголем проблем, а тоа беа оние во документацијата, односно погрешниот број на шасијата на еден од автобусите, но и нивната боја. Наместо црвена, беше запишана сина. Поради тоа не можеше да бидат пуштени екоавтобусите во сообраќај, па на седницата на Советот на Град Скопје, одржана кон крајот на декември 2024 година, повторно беа изгласани две одлуки за надминување на овој проблем. Едната е за изменување на одлуката за примање на донацијата од УНОПС, а другата за изменување на одлуката за пренесување на правото на сопственост на шесте автобуси со компримиран природен гас на ЈСП „Скопје“, со кои се решаваат овие грешки во документацијата.

Потоа се бараше фирма за каско осигурување на овие автобуси, за на крај, откако се среди и тоа, овие возила да бидат ставени во функција и на услуга на граѓаните.

Засега се молчи за тоа што се случува со автобусите од марката „соларис“, кои Белград требаше да му ги донира на Скопје, но и на другите градови во Македонија што имаат јавен градски превоз, бидејќи тој ќе набави нови.

И премиерот Христијан Мицкоски, на крајот од ноември минатата година, најави дека Владата ќе набави 100-120 електрични автобуси, од кои поголемиот дел за Скопје, но и за другите градови што имаат јавен градски превоз, за кои тендерот требаше да биде распишан до крајот на 2024 година.

– Условите за плаќање ќе бидат такви што ќе почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 година, на осум полгодишни рати, што ќе се одвива во период од четири години или во период од три години грејс-период, така што мислам дека ќе биде добро. Ги подготвуваме тендерот, техничката документација. Очекувам да се распише до крајот на годината – кажа тогаш Мицкоски.

Останува да се види дали ќе се реализира тоа.

Повторно фалсификувано логото на „скопска“ 

ЈСП „Скопје“ утврди дека е фалсификувано логото на електронската картичка „скопска“ на лажна вест објавена на социјалните мрежи од група наречена „Јавен превоз Скопје“, која не е поврзана со претпријатието.

– Се работи за измама со лажен линк што краде податоци од платежните картички на граѓаните – предупредија од ЈСП.

Имено, од „Јавен превоз Скопје“, на социјалните мрежи, има ексклузивна понуда за жителите на Скопје, во чест на јубилејот на ЈСП.

Тие ги повикуваат граѓаните да купат нова картичка „скопска“ и да добијат неограничен превоз со сите видови транспорт, за шест месеци, само за 145 денари.

– Побрзајте, понудата важи само за првите 500 клиенти. Понудата важи седум дена. Подетални информации на линкот https>// funnyactiveday.com? QnPQ9V1m – повикуваат од „јавен превоз Скопје“.

Од ЈСП велат дека ова е четврта измама по ред во последните пет месеци.

(А.П.) 

ИЗДВОЕНИ