Сè уште има училишта, градинки, па дури и објекти на Клиника со опасни азбестни покриви

319

Во нашата држава и во главниот град сè уште има објекти што имаат азбестни покриви, иако се смета дека се тие опасни за здравјето на луѓето. Експертите велат дека кога се целосни како плоча, не се опасни, но со оглед на тоа што се стари и може да почне да се трошат, веќе претставуваат сериозна опасност за здравјето на луѓето. Фрапира фактот што сè уште може да се забележат такви покриви на училишта, градинки, дури и на некои придружни објекти во кругот на Клиничкиот центар, каде што се лекуваат голем број граѓани. Директорот на Службата за заеднички работи при Клиничкиот центар, Башким Бакиу, вели за весникот ВЕЧЕР дека објектите што се под надлежност на оваа здравствена институција, немаат покриви со азбестен материјал, освен еден, а тоа е објектот гаража

Во нашата држава и во главниот град сè уште има објекти што имаат азбестни покриви, кои кога се целосни како плоча, не се опасни, сепак се стари и може да почне да се трошат, што претставува сериозна опасност за здравјето на луѓето. Фрапира фактот што може да се забележат такви покриви дури и на некои придружни објекти во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Терза“ во Скопје, каде што се лекуваат голем број граѓани.

Директорот на Службата за заеднички работи при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Башким Бакиу, изјави за весникот ВЕЧЕР дека објектите што се под надлежност на оваа здравствена институција, немаат покриви со азбестен материјал, освен еден на објектот гаража.

– Во кругот на болничкиот комплекс има и други објекти, секој е надлежен за својот објект – тврди Бакиу.

Тој објаснува дека ќе се смени покривот на гаражата, но бидејќи има материјали за расходување во неа, постапката сè уште не е започната.

Доктор Бојан Трајковски нагласува на „Фејсбук“ дека најголема опасност за здравјето на луѓето е кога се долготрајно изложени тие на азбестно труење или кај оние со краткорочно, интензивно и екстремно изложување.

Последиците од азбестот се страшни и предизвикуваат разни проблеми со здравјето на граѓаните – апелира доктор Бојан Трајковски. Притоа наведува дека азбестот најчесто е користен како азбестни-цементни плочи кај дел од многу покриви во државава, кои нашле широка примена поради својата отпорност на оган.

– Целосен, како плоча, не претставува голема опасност за здравјето на луѓето. Главниот проблем кај нас е што најголем дел од времените објекти имаат огромен број оштетени азбестни плочи, кои се ронат, кои се издробени и скршени, па при силен пожар, азбестните честички лесно се пренесуваат преку чадот и прашината и се толку опасни што е ставен азбестот во класата 1 канцерогена материја, според Меѓународната агенција за истражување на ракот – објаснува Трајковски.

Според него, последиците се страшни и предизвикуваат разни проблеми кај дишните органи и дека вдишувањето на овие честитки може да предизвика долготрајна кашлица, задушување, градни болки.

 НЕМА ИНФОРМАЦИИ ЗА БРОЈОТ НА АЗБЕСТНИ ПОКРИВИ

За жал, надлежните институции, изгледа, не се свесни дека со тоа што сè уште дозволуваат да стојат азбестните покриви, уште повеќе го загрозуваат здравјето на граѓаните. Ниту, пак, се заинтересирани да ја согледаат состојбата и да ги сменат на објектите на институциите, училиштата, градинките што сè уште имаат вакви покриви. Општините, одвреме-навреме, се огласуваат со јавни повици за субвенции за менување на покривите и куќите, но, очигледно, не е доволно тоа.

Од Министерството за  животна средина велат дека не поседуваат информации за тоа колку институции во државата и во Скопје имаат азбестни покриви, иако потврдуваат дека  ги третираат азбестните покриви како опасен отпад генериран со активностите на конструкција и уривање објекти во градежништвото, кој содржи опасни супстанции. Ниту скопските општини имаат број колку куќи и институции на нивна територија сè уште не ги смениле старите азбестни покриви.

Постапувањето со овој вид опасен отпад, како што велат од ресорното Министерство, е регулирано со членот 75 од Законот за отпад, додека транспортирањето, пакувањето, обележувањето, третманот, преработката, складирањето и отстранувањето на отпадот што содржи азбест, како и постапувањето со отпад од отфрлена опрема што содржи азбест, се регулирани со Правилникот за начинот за постапување со отпад од азбест и производи што содржат азбест.

И од Општина Карпош велат дека немаат евиденција колку куќи на нејзина територија имаат азбестни покриви, но информираат дека секоја година спроведуваат акции за менување на азбестните покриви на нејзина територија.

– Во јануари годинава, Општина Карпош објави јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и за санација на покривните покривачи на зградите и замена на азбестните покриви на индивидуалните станбени објекти (куќи) на своја територија. Во таа насока, за зградите, локалната самоуправа субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката и на санацијата на покривниот покривач. За куќите, пак, субвенционира најмногу до 60 %, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената– наведуваат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека постапката за субвенционирање се одвива во две фази. По комплетирањето на документите од првата фаза, апликантот добива писмено известување дека е потенцијален корисник на субвенцијата. Со самото тоа, тој преминува во втората фаза, што подразбира дека може да започне со замена на покривниот покривач.

Од локалната самоуправа напоменуваат дека, доколку се одлучи да го смени стариот покрив со користење субвенција од Општина Карпош, апликантот се обврзува да користи исклучиво бел или сив (силвер) лим за покрив.

Од Општина Kарпош објаснуваат дека по демонтажата на старите покривни табли што содржат азбест (салонитки), потребно е да се ангажира правен субјект што има лиценца издадена од Министерството за животна средина за транспорт на овој вид опасен отпад до депонијата „Дрисла“.

Од Општина Аеродром велат дека изминатите години, откако почнале интензивно да се градат нови објекти, секој поединечен објект што бил урнат како, на пример, воените бараки во Стар Аеродром што беа со азбестен покров, сега имаат друг тип покриви.

– Сите нови згради се со покрив од безбеден материјал, од аспект на животната средина, односно дозволен со законските прописи и правила, врз кои се издава одобрение за градење. Комуналната инспекција на Општината има изречено казни за фрлање отпад од азбест на места што не се за таа намена, според Законот за јавна чистота. Но, општинските инспектори дејствуваат, пред сѐ, превентивно и на жителите им ги објаснуваат правилата за управување со отпадот од азбест и со отпадот од производи што содржат азбест – посочуваат од Општина Аеродром.

Според општинските власти, на територијата на Кисела Вода нема азбестни покриви, со исклучок на едно училиште и градинка.

– Исклучок е покривот само на ООУ „Кузман Шапкарев“, кој и покрај тоа што е во добра состојба, од наша страна е испратена апликација до МОН за негова промена. Слична е состојбата и во градинките, каде што нема азбестни покриви, освен во еден објект – „Пеперутка 2“ во Драчево, но и за таму е планирана замена – нагласуваат од оваа општина.

ПОСЕБНИ ПРОЦЕДУРИ ПРИ ФРЛАЊЕТО

Во однос на фрлањето на азбестните покриви, оттаму додаваат дека тие се носат единствено во депонијата „Дрисла“, каде што, како што велат, имаат посебни процедури, кои тие, како надлежни, треба да ги објаснат.

– Оваа проблематика е регулирана со Законот за управување со отпад, постои и Правилник за постапување со отпадот од азбест и околу неговото спроведување, ингеренции има Министерството за животна средина – појаснуваат од Општина Кисела Вода. 

И според ресорното Министерство, „одложувањето“ на отпадот што содржи азбест се врши на посебно место, кое треба да ги исполнува условите согласно со законската регулатива, а кај нас тоа единствено е депонијата „Дрисла“, каде што има специјални јами каде што може да се фрли ваквиот отпад.

Но, од ЈП „Дрисла“ не одговорија дали оваа депонија ги исполнува законските услови за депонирање ваков вид отпад, на кој начин се постапува со него и како се складира таму.

 ГОЛЕМА ВНИМАТЕЛНОСТ И ПОСЕБНА ЗАШТИТНА ОПРЕМА

Според членот 75 од Законот за управување со отпад, правните и физичките лица што постапуваат со отпад од азбест и со отпад од производи што содржат азбест, се должни да постапуваат внимателно и да ги преземат сите неопходни мерки за заштита, со кои се спречува ослободување на азбестните честички, влакна и прав во воздухот, како и спречување на излевање течности што содржат азбестни влакна. Отпадот што содржи и ослободува азбестни честички, влакна или азбестниот прав може да се складира и да се отстранува на места предвидени исклучиво за таа намена, како и да биде одделен од другите видови отпад, селектиран и соодветно спакуван. Министерот што раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, ќе го пропише начинот на постапување со отпадот од азбест и со отпадот од производи што содржат азбест.

Во Правилникот за начинот за постапување со отпадот од азбест и со производите што содржат азбест прецизно се утврдени условите за транспортирање, пакување, преработка, складирање, но нема упатства за тоа како правилно да се изврши демонтажа на објектите изградени од азбестни материјали.

Покрај посебната заштитна опрема за работниците, предвидено е отпадот од азбест да се собира и да се отстранува колку што е можно поскоро, во непропустливи затворени вреќи, а транспортот задолжително да се прави во специјални затворени возила. Целта на ова е во најголема можна мера да се спречи емисија на азбестни влакна во животната средина.

ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА СЕРТИФИЦИРАНА КОМПАНИЈА

Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа објаснува дека компанијата што работи на отстранување на азбестните покриви мора да биде сертифицирана дека може да работи со азбест, но, како што вели, „такви во Македонија, колку што знам, нема“.

– Потоа мора да се направи проценка на ризикот, т.е. да се види дали и каде потенцијално може да има ослободување на азбесни честички. Работниците што би работеле на отстранување азбест, мора да бидат под посебен медицински надзор. Кога се пристапува кон чистење, просторот речиси херметички се изолира за да нема размена на азбесните честички – наведува Петковски.

Тој додава дека целокупната процедура се изведува во т.н. воден режим, при што се намалува можноста од азбестна прашина во воздухот.

– Во одредени случаи се користи методот „потпритисок“, кој оневозможува азбестната прашина да оди надвор од херметизираниот простор – потенцира Петковски.

Употребата на производи со кој било вид азбест е целосно забранета во земјите од Европската Унија од 2005 година наваму.

Материјалите што содржат азбест се разединуваат на азбестни влакна во случај на шмирглање, сечење, брусење или при нивно одржување или отстранување. Повеќето влакна, движејќи се низ воздухот, се таложат во дишните патишта и ако се поголеми, се чистат со нормалните физиолошки процеси, а помалите влакна се поопасни и може да се наталожат длабоко во белите дробови или да се пренесат до другите органи. Азбестот се нарекува и „прикриен убиец“, затоа што латентниот период од изложувањето до настанување на болеста (најчесто рак) е долг период – од 15 до 50 години.

 Како се депонира отпадот што содржи азбестни компоненти во „Дрисла“?

На веб-страницата на ЈП „Дрисла“ е наведено дека во близина на влезот на депонијата за комунален отпад е изградена парцела на која се ископани три рова со должина од 25 метри, ширина 5 метри и длабочина од 3 метри. Овие ровови се целосно обложени со геомрежа за стабилизација на теренот, а потоа се обложени со заштитна геомембрана (2,5 мм) и со геостекстил (4.000 г/м2), кој прв пат се употребува во Македонија. Во овие ровови се отстранува, односно депонира отпадот што содржи азбестни компоненти. Капацитетот на депонијата е 1.000 кубни метри депониран азбест, а на парцелата е предвидено времено „одлагање“ на 100.000 квадратни метри покривна површина – азбестни плочи.

(А. П.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ