Во време кога граѓаните сѐ уште трпат големи последици од економската криза, а банките од година в година остваруваат огромни профити, од огромно значење е да се спречи секое дополнително финансиско оптоварување.
Со новиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи што е доставен до Собрание и доколку се усвои, се укинуваат неоснованите банкарски трошоци и парите ќе останат во џебот на граѓаните.
Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, вели дека носењето на правилни законски решенија делува во функција на зголемувањето на финансиската моќ на граѓаните и преку овој предлог-закон ќе се ограничи слободата на банките неосновано да ги наплаќаат речиси сите нивни услуги.
– Граѓаните не се должни да ги богатат банките на нивна штета. Затоа, значењето за брзо носење на ова законско решение е огромно! Не смееме да дозволиме банките да наплаќаат надоместоци за затворање на платежна сметка, ниту пак надоместоци за затворање на дебитни или кредитни картички – банката е должна веднаш да ја затвори сметката на барање на граѓанинот – појаснува Зајкова.
Дополнувањата и измените предвидуваат доколку една сметка во банка е прогласена за неактивна од страна на банката, тогаш банката не смее понатаму да наплатува никакви надоместоци од таа сметка, паричните средства ќе бидат заштитени.
– Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи се воведуваат уште неколку системски решенија – намалување цената за онлајн плаќања, проверка на состојба на трансакциска сметка на банкомат, намалена провизија за повлекување пари од банкомат на друга банка и така натаму. Доколку успееме заеднички да го донесеме Предлог-законот за платежни услуги и платни системи, речиси сите непотребни трошоци кои ги имаат граѓаните за банкарски услуги ќе заминат во минатото и парите повторно ќе се вратат во нивните џебови – вели Зајкова и упати апел до пратениците да го изгласаат овој предлог-закон.